Од денеска е отворен петтиот конкурс за краток расказ „Бибер“, на кој дела може да праќаат авторки и автори кои пишуваат на македонски, албански, босански, црногорски, хрватски или српски јазик, афирмирани автори, како и оние кои досега немаат објавувано.

Покрај расказите кои го тематизираат помирувањето во контекст на наследството на војните и насилството во земјите од поранешна Југославија, предвид доаѓаат и раскази што можат да придонесат кон подобро разбирање меѓу луѓето, кон намалување на омразата и разградување на предрасудите, антивоени раскази, раскази што се занимаваат со соочување со минатото, со разградување на сликата за непријателите, со сочувство за другите, храбри раскази што се осмелуваат да влезат во „непријателска“ кожа, раскази што ги поместуваат границите и ни отвораат пат да градиме поизвесна, побезбедна и послободна иднина за сите. Конкурсот го организира тимот на „Бибер“ со поддршка на Центарот за ненасилна акција Сараево – Белград.

Конкурсот е отворен до 1 јуни 2022 година. Авторите/ките на трите најдобри раскази ќе бидат наградени со парични награди – 800, 600 и 400 евра. Најмалку дваесет избрани дела ќе бидат објавени во повеќејазичен зборник. Жирито го сочинуваат Лејла Каламујиќ, Калина Малеска и Оља Савичевиќ Иванчевиќ.

Одлуката на жирито ќе биде објавена кон средината на ноември 2022 година. -Со овој конкурс сакаме да придонесеме и кон културата на преведување и објавување на автори/ки од нашето најблиско соседство и да ги поддржиме ангажираните автори/ки да продолжат да влијаат врз општествените промени, соопштија организаторите. Повеќе информации за условите на конкурсот и наградите може да се најдат на страницата https://biber.nenasilje.org