За новогодишните и божикните празници нема да ја има веселата атмосфера, ние пејачите ќе нема каде да настапуваме. Страшно е времето, кој ќе преживее – ќе раскажува. Лошо е. Само оние луѓе кои што можат одат на работа и веднаш се назад дома, нема одење по кафеаните. Значи не се групираме, си ги почитуваме мерките, барем ние охриѓаните, се надевам дека мерките се почитуваат и во останатиот дел на Македонија, вели Нечовски за весникот ВЕЧЕР

Не попустo за него љубителите на македонскиот фолк велат дека е вечен, како и неговата песна. Пејачот Петар Нечовски повеќе од три децении остава белег на македонската естрада со многу песни, меѓу кои најслушаните: Љубовта е како вино, Жолто фустанче, Лена убава жена, Езерска вила, Слушај ги камбаните, Вечност да ти бидам, Дај ми го срцето… Препознатлив е и по својот специфичен имиџ, по својата фризура (коњско опавче) карактеристична повеќе за рокерите отколку за фолкерите. Но Нечовски е пејач кој ги поместува сите невозможни граници на естрадата. Него го сакаат и во соседна Бугарија, каде што постојано настапуваше пред короната и каде има голем број фанови…
0 На почетокот на разговорот едно класично, но значајно прашање:како си Петар во ова време-невреме?
-Навистина убаво е кога човек човека ќе си го праша, како си? Особено во ова време-невреме. Засега сум добар, се чувам од вирусот, многу сум внимателен, немам контакти во онаа смисла да се седне на кафе муабет или да се муабети со ракиичка со салатичка. Поминаа тие златни времиња.

Бизнисот е нокаутиран

0Нема ниту настапи, пеење по рестораните…
-Не, ма каков настап. Не само во Охрид и околината, нема настапи никаде. Се организира по нешто од Центарот за култура и тоа ликовни изложби со намален број на посетители според строги протоколи.

0Дали посериозно си се интересирал за кронавирусот во овие изминатите месеци, вирусот кој однесе многу животи и уништи многу егзистенции?
-Велат дека е пренесен од Кина, дека таа голема земја му е родна земја, но не знам дали е токму така? Вирусот мислам дека постоеше и од порано, но тешко беше пренослив, па не го препознававме. Вирусот мутира и сега е дојден во таа фаза да е смртоносен. Овој вториот бран, а најавуваат и трет е многу опасен. Сè е пусто во Охрид, нема туристи луѓето се прибрани по дома, порано додека беше потопло, шетавме покрај езерото, сега ни тоа го нема. Коронавирусот многу работи смени. Народот е нокаутиран за бизнисот. Многу дуќани се затворени, деловните простори не можат да се издаваат под кирија, нема кој да ги плаќа.

0Тоа значи дека за оваа Нова година нема настапи, нема пеење, нема прослави по рестораните, пејачите ќе останат без тезгите од кои најмногу заработуваа?
-Точно така. Кој е луд да ризикува по сопствениот живот. Речиси сите угостителски објекти ќе останат празни, односно ќе ги затворат. Немаат потреба од толкав број на вработени, бидејќи немаат заработувачка. Токму тогаш за новогодишните и божикните празници нема да ја има онаа веселата атмосфера, ние пејачите ќе нема каде да настапуваме. Страшно е времето, кој ќе преживее ќе раскажува. Лошо е! Само оние луѓе кои што можат одат на работа и веднаш се назад дома, нема одење по кафеаните. Значи не се групираме, си ги почитуваме мерките, барем ние охриѓаните, се надевам дека мерките се почитуваат и во останатиот дел на Македонија.

Здраво се хранам

0Па, од што ќе живеат пејачите, музичарите, таа еднократна помош од државата не беше доволна, како ти го поминуваш времето?
-Логично е дека тоа се малку пари, колку да се истурка месецот. Владата покажа интерес не ги батали музичарите. Но, што правиме за понатаму? Останува на самите пејачи да се снаоѓаат. Состојбата со короната нема да се стабилизира, ќе трае, а никој не знае до кога? Велат, уште малку, па короната ќе исчезне. Не знам, а и јас сакам да биде така уште малку, кој не сака. Можеби ние пејачите ќе треба да побараме преквалификација, да почнеме да работиме некоја друга работа. Настапи нема, а со оглед на тоа нема ни пари. Време е на преживување во кое пред се треба да си ги сочуваме здравјето и умот. Инаку јас нешто компонирам, потпевнувам, преслушувам многу други песни. Мора со нешто времето да се осмисли, нели?

0Во времето на корона, претпоставувам дека најмногу внимаваш на зачувување на имунитетот?

-Здраво се хранам со добра храна. Нели, како што велат дека храната е лек, така е тоа и кај мене. Најважен е појадокот кој секако не е составен од мрсни буреци и мрсни кифличиња, се јаде нешто полесно кое на организмот му дава потребна енергија. Не сум приврзаник на месишта, не сега во ова време, повеќе сум љубител на месото од риби, особено на прочуената охридска пастрмка која јас знам да ја подготвам на наш домашен охридски начин, прсти да излижеш.

Нас охриѓаните не бива за тоа. Сите ние мораме да внимаваме на храната, за не дај боже, бидејќи храната знае да биде и отров, ако се претерува и ако нездраво се храниме и ако е лошо подготвена. Затоа да сме внимателни, се заради зачувување на имунитетот кој е прв на удар од коронавирусот.

Дуле Миќиќ