„Песна на Евровизија 2022“: Македонија на списокот на учесниците на страницата на ЕБУ, а МРТВ не се изјаснува – па, ќе пееме или не? Дали Ерос Рамацоти би можел да ја претставува Македонија?

488

Веста дека и Македонија ќе биде рамноправна држава учесничка, дека ќе бидеме дел од популарната музичка манифестација “Евровизија 2022“, која ќе се одржи во Италија, ја објави организаторот на својата официјална страница на ЕБУ.            Нашата МРТВ сè уште не се огласува околу учеството на “Песна на Евровизија 2022“. Се думаат, мудро молчат или бараат пејач, според нивниот опробан начин кој многу пати беше остро критикуван од јавноста?!

Дуле Миќиќ

Фестивалот “Песна на Евровизија“ ни најмалку не е евтина “играчка“. Македонија секоја година за своето учество, според неофицијални пресметки, одвојува од 100 до 130 илјади евра. Единствениот носител на лиценцата за учество на “Евровизија“ е Македонската радио-телевизија како Државна медиумска институција која, доколку Македонија би победила, би била и организатор на овој голем музички настан. Но, за тоа потоа, нели ако победиме. Всушност, дали би имале и соодветна сала за еден таков настан? Онаква каква треба да биде според критериумите на ЕБУ.
Без разлика на сè, ние и онака редовно си учествуваме.

Со многу тенки успеси, а единствено најголем успех досега го имаме постигнато само со Тамара Тодевска која според целосниот збир на гласовите го освои одличното седмо место и тоа во финалето. Добри пласмани имаа и Калиопи, Елена Ристеска, но и Тоше Проески, другите поминаа поразително, дури во Финалето не влезе ниту легендарната Есма Реџепова. Разочарувачки е што голем број од нашите песни претставнички веќе се и заборавени, не само од публиката, туку и од медиумите, најчесто радио станиците кои воопшто не ги пуштаат во својата програма.

Најчесто и онака не влегувавме во тоа големото финале, па од тие причини на нашето разочарување постојано не му се гледа крајот. Кога страстите ќе спласнат и кога заканите од типот “ова е последното учество на Македонија на оваа музичко-политичка манифестација“, ние пак незапирливо трчаме да бидеме дел од фестивалот кој успева да ги надмине сите кризи во шоу-бизнисот, особено кризата со коронавирусот. Додуша, Македонија со “Евровизија“ никогаш немала среќа! Дури ни во поранешна Југославија македонски пејач никогаш не ја претставувал СФРЈ (односно ЈРТ) на самиот Голем избор, иако до самата победа, а со тоа и да заминат на натпреварите во странство каде би пееле на македонски јазик, имаа Маја Оџаклиевска и Ана Костовска со песните “Лиду-лиду-ду“ и “Анушка“.

Наредната година во месец мај домаќин е Италија, а веста дека и Македонија ќе биде рамноправна држава учесничка која ќе учествува на популарната музичка манифестација Евровизија 2022 ја објави организаторот на својата официјална службена страница на ЕБУ.
Во италијанскиот град Торино (иако се претпоставуваше дека ќе биде или Рим или Сан Ремо) ќе се натпреварува 41 земја. Евровизиските тимови од градот Торино веќе работат на организацијата, најавуваат голем спектакл не само за публиката во салата, туку и за ТВ-аудиториумот. Италијанците се мајстори за визуелно доживување. Италијанската национална телевизија РАИ смета дека фестивалот преку малите екрани ќе го следат над 400 милиони гледачи ширум нашата планета.
Интересно е, но и воедно зачудувачки чудно што и покрај официјалната вест од ЕБУ, нашата МРТВ сè уште не се огласи околу учеството на “Песна на Евровизија 2022“. Чекаат последен момент, нешто се думаат, мудро молчат или бараат пејач кој ќе им биде по нивен вкус за претставник на Македонија, а можеби ако се случи некое чудо нашиот претставник би го одбрал народот по пат на некое фестивалско гласање, или…? Многу прашања, засега без одговори.

Токму затоа во нашата јавноста има навистина премногу секакви реакции по повод начинот на кој се одбираат песната и пејачот. Според евровизиските правила, претставникот не мора да е македонски државјанин, тој може да биде и странец. Во историјата на самата “Евровизија“ имаше многу такви случаеви. Некои од нив дури и победувале, како например Вики Леандрос преставувајќи го Луксембург кога победи во 1972 година и ако е Леандрос државјанка на Грција. Во времето на Југославија, Кнежеството Монако го преставуваше славната Тереза Кесовија и ако Тереза беше државјанка на СФРЈ, и така натака. По оваа логика, замислете Македонија да ја претставува например Ерос Рамацоти? А, што велите? Нашите пејачи, композитори, но и новинарите најчесто во своите изјави велат дека најдобро би било да се врати “Скопскиот фестивал“ со некои 20-ина нови песни, како би можело на таков начин јавно пред сите да се одбере претставникот. Така и беше до пред некоја година, но МРТВ “се сети“ дека тоа не само што нема ништо да смени во пласманот на Македонија на евровизиската сцена, туку организацијата на “Скопскиот фестивал“ е обемна работа која воедно бара и многу финансиски средства.

Па, така најдоа компромисно решение. Неколку години наназад самата МРТВ според свои критериуми одбира наш претставник во името на народот, сеедно дали се допаѓало тоа некому или не. На тој начин беше одбран и минатогодишниот македонски претставник Васил Гарванлиев кој за жал многу лошо помина “освојувајќи“ го дури 15. место со што му беше оневозможено влегувањето во Големото финале. Да се надеваме дека за наредната година, за “Евровизија 2022“ македонскиот претставник сепак ќе го одбира овој народ на омилениот му “Скопски фестивал“.