„Се обидувам да говорам не со пишан збор туку со визуелната уметност, во овој случај скулптурата која поседува моќ да ги актуализира темите кои стојат на маргините. Дневно-политичките теми, брзиот развој на технологијата, секојдневните проблеми кој ги закрилува неолибереалниот систем на управување, постојано ги маргинализираат темите кои се од суштинско значење за одржливиот развој. Затоа интелектуалците, па и ние уметниците сме овде да говориме за горчината која ја живееме многу често и да ги сценираме сегашните и можни случувања…“, вели за весникот ВЕЧЕР, Кованцалиев, кој за своето дело претставено на изложбата „Современа скулптура“ во организација на ДЛУМ, ја доби наградата „Боро Митриќески“

Добитник сте на наградата „Боро Митриќески“ за Вашето дело „Ирационални бранови 2“ во рамките на изложбата Современа скулптура во организација на ДЛУМ. Какво значење има таа за Вас, со оглед дека го носи името на нашиот еминентен вајар?

Вистинско задоволство е да се добие оваа награда, имајќи предвид дека ја доделува ДЛУМ во категоријата современа скулптура и воедно го носи името на истакнатиот скулптор Боро Митриќевски. Митриќевски ни е познат по неговата впечатлива фигуративна стилизација и важни монументални споменични решенија со кои ја одбележа тогашната македонска современост и остави културен белег со своето творештво. Пат по кој ние помладите веќе чекориме. Оваа награда ја задолжи мојата верност и љубов кон скулптурата и визуелната уметност, за да се исправам пред многу предизвици во иднина.

Што беше инспирација за ова Ваше наградено дело, каква порака носи и всушност што е она што најчесто Ве инспирира да создавате?

Многу често имам чувство дека постојам како филтер особено за општествените случувања. Целиот тој проток на информации и појавности кој поминува низ мене придонесува многу нешта да се задржат како талог кој тежи, како преполна канта која треба да се испразни. Тоа што не поминува го исфрлам надвор од себе физички да постои да биде видлив за другите. На овој начин се обидувам да говорам не со пишан збор туку со визуелната уметност, во овој случај скулптурата која поседува моќ да ги актуализира темите кои стојат на маргините. Дневно-политичките теми, брзиот развој на технологијата, секојдневните проблеми кој ги закрилува неолибералниот систем на управување, постојано ги маргинализираат темите кои се од суштинско значење за одржливиот развој. Затоа интелектуалците, па и ние уметниците сме овде да говориме за горчината која ја живееме многу често и да ги сценираме сегашните и можни случувања. Со делото „Ирационални бранови“ создавам вистинско перцептивно доживување, соочување со непознатото и вештачкото на еден невообичаен начин каде што технократската култура на нашето секојдневие ќе биде предмет на редефинирање во социо-културните сфери. Делото претставува иронично опевање на технократскиот симбол во нашето консумирачкото општество.

Со оглед дека пандемијата на коронавирусот е во полн ек, целата оваа состојба се одразува и на ликовната уметност. Според Вас какви се последиците кои таа ги носи?

Пандемијата ни ја донесе изолацијата, состојба која воопшто не е својствена за човекот во денешно време. Но за разлика од останатите, за нас уметниците тоа не е непознато. Затоа што ние најчесто создаваме во изолација. Се разбира оваа изолација воопшто не е од тој вид, особено кога треба да се оствари контакт со друго лице за секојдневните или професионалните потреби. Во ликовната уметност сметам дека продукцијата нема да запре, особено не критичната и романтичната, бидејќи таму се најголем број ентузијасти. Уметноста која е етаблирана и тесно врзана со профитот верувам дека ќе претрпи загуби за жал. За среќа, институциите кој ја застапуваат уметноста останаа отворени за нас со редуцирани настани и посети. Се надевам дека од ден во ден ситуацијата на терен ќе се подобрува со што сјајот на овие културни настани ќе се врати. Последиците како и секогаш, за некој добри за други лоши. За многумина трката со времето престана и верувам дека секој од нас имаше време да научи нешто ново од суштинска важност по својот и општествениот животот. И жалам за тие кој беа директно соочени со вирусот на било кој начин. Сакам да ја искористам оваа прилика и да испратам апел до читателите да ги почитуваат препорачаните мерки од надлежните институции, а институциите да ги заострат мерките таму каде што е потребно.

Како би ја коментирале новонастанатата ситуацијата од Ваш личен аспект, како влијаеше на Вас и Вашето творештво во изминатиот период?

Новонастанатата ситуација, која ја донесе вирусот, бара да покажеме поголема свесност за последиците кои може да ги предизвикаме со нашите неразумни одлуки. Менталитетот кај мнозинството народ е да се ослободува од правилата и законите, да ги заобиколува и наоѓа полесни начини до сопствените цели заборавајќи ги колективните потреби. Денес е време да заборавиме на тие навики и да го ставиме вирусот во карантин, а не тој нас. Во однос на моето творештво не се случија промени ниту прекин во работата. Продолжувам да ги продлабочувам веќе започнатите концепти во слични и поинакви ликови и постојано истражувам нови форми на појавност.

Кога уметноста е во прашање што освен современата скулптура го окупира Вашето внимание?

Скулптурата, уметничката инсталација, видеото, кинетиката и се разбира сите познати класични медиуми од ликовната уметност. Секогаш сум подготвен да почнам од почеток и да се впуштам во истражување на нов медиум. Со цел  медиумот или материјалот за кој сметам дека во себе носи специфични карактеристики да ги насочувам и обликувам во необичен и впечатлив лик за идејата полесно да се вгради во делото.

На што работите во моментов и дали можеби подготвувате изложба или сте во преговори за учество во некој нов проект?

Да, моментално подготвувам серија од неколку дела, за самостоен проект кој е поддржан од програмата на Министерството за култура за финансирање проекти од национален интерес. Треба да се реализира годинава во Скопје, терминот допрва ќе се утврди имајќи ја во предвид пандемијата кој ги измести предвидените настани. Но се надевам дека во една следна пригода ќе одвоиме простор за негово претставување , засега не би сакал да откривам детали. (Д.Т.)