Светот е во тага по трагедијата во која загина поранешниот НБА кошаркар Коби Брајант. Многу негови колеги се уште се во неверување од шокантната хеликоптерска несреќа во која животот го загубија девет луѓе. Еден од нив е и поранешниот македонски кошаркар и моментно претседател на Македонската кошаркарска федерација – Перо Антиќ.

Тој се присети на моментите кога го делел теренот со Брајант додека настапуваше за НБА тимот – Атланта.

-Оваа трагедија ме погоди навистина многу. Ми се јави син ми и ми вели: Тато, дали веруваш дека загинал Коби Брајант?“. Исто како што ме погоди и трагедијата со Тоше Проески, прво не верував, зашто знаев за какви луѓе се работи и какви амбасадори на своите земји беа. Го гледав на натпревари Коби и не очекував дека се работи за вистина. Ја имав таа чест да се натпреварувам против него две години. Јас речиси цела моја кариера играв со патики „Коби Брајант“, но кога играв против него не сакав да ги носам. Баш ми текнува дека на првиот меч против него, промашив шут за продолжение, а тој се сврте кон мене и ми рече: „Како можеше да го промашиш ова?“.

Во тие моментни не бев свесен дека ми збори Коби, но потоа си велев: „Човек, знаеш ли кој ти се обрати?“. Човекот беше икона, кошаркарскиот свет загуби многу. Нека им е лесна земја на него и неговата ќерка Џиџи. Нема што да се каже за оваа голема трагедија која го погоди целиот свет. Тоа што тој го донесе во кошарката, како новитети, егзибиции, рекорди, напорна работа, може само да му се восхитуваме на неговите дострели. Црнилата се составен дел од животот, секој ден е борба за поубаво утро. Не знаеме што може да ни донесе животот, затоа не смееме да ги пропуштаме моментите, затоа што не знаеме кога ќе дојде судниот момент, истакна Антиќ. (К.Т)