Пенс: Постигнат е договор за прекин на турската офанзива во североисточна Сирија

81

Потпретседателот на САД, Мајк Пенс по средбата со претседателот на Турција, Реџеп Тајип Ердоган во Анкара, изјави дека е постигнат договор за прекин на турската офанзива во североисточна Сирија.

Пенс изјави дека повлекувањето на курдските Сили за заштита на народот е во тек и дека САД работат на тоа тие да се дислоцираат на повеќе од 32 километри од границата со Турција.

Тој додаде дека очекува САД да ги задржат силните врски со Курдите во Сирија.

Пенс истакна дека САД секогаш ја поддржувале безбедносната зона во северна Сирија, што беше прокламирана цел на турската офанзива.

Американскиот потпретседател посочи и дека Трамп се согласил по примената на договорот да се укинат економските санкции што ги воведе по отпочнувањето на турската офанзива и оти нема да воведува нови санкции.

– Разговарав со Трамп кој е многу благодарен поради постигнувањето договор за прекин на огнот, наведе Пенс.

Во меѓувреме, американскиот претседател Доналд Трамп на Твитер му се заблагодари на Ердоган, посочувајќи оти од Анкара пристигнува прекрасна вест и оти ќе бидат спасени милиони животи.

Пенс најави дека САД ќе работаат заедно со Турција на примена на договорот, како и дека во регионот нема да има американски трупи.

Во разговорите со турските претставници учествуваа и државниот секретар Мајк Помпео и советникот за национална безбедност на Белата куќа, Роберт О’Брајан.

Американските претставници пристигнаа во Анкара за да го предупреди Ердоган дека ќе се соочи со дополнителни американски санкции ако не ја прекина офанзивата во Сирија.