Пензионерите без туркање си ги зедоа пензиите од банките, па ги наполнија пазарите и маркетите

285

Без чекање во долги редици и без туркање деенска почна исплатата на априлските пензии на шалтерите во банките.

Планот што го направија банките за етапна исплата на пензиите во текот на неделава дава резултати, па не се повтори минатомесечната слика кога метежот пред банките во некои градови го решаваше полицијата.

Откако сите банки се договорија оваа пензија да ја исплатат пред време, во петокот прво ги пуштија парите за пензионерите кои имаат дебитни картички, за да можат пензијата да си ја подигнат на банкомат доколку сакаат. Денеска почна етапната исплата на шалтерите на банките, според висината на пензијата, а први на ред беа пензионерите со најниски примања, до 11.000 денари. Пензиите до 14.000 денари ќе се исплатуваат утре, в среда се на ред пензионерите со примања до 18.000 денари, а тие со пензии над оваа сума се последни во распоредот и своите пари од банките ќе можат да ги подигнат в четврток.

Но, ако редарите пред банките денеска останаа речиси без работа, на пазарите и во маркетите имаше потреба од нив. Со наполнетиот паричник и истрошените резерви од храна за време на викенд-полицискиот час, најголемиот дел од пензионерите од банка се упатија право кон пазарите и маркетите. Пазарите се полни, што е невообичаено за ден како понеделник. Продавачите на тезги велат дека пазарот бил полн, но прометот скромен, зашто повеќето од пензионерите повеќе се шетале и ги разгледувале и коментирале цените и понудата, а помалку купувале. Пензионерите денеска доминираа и во редиците на каса во маркетите.

Инаку, етапната исплата на пензиите е направена со цел да се избегне метежот пред банките и да се овозможи поголема заштита на пензионерите во услови на опасност од коронавирусот ковид-19.

Банките најавија дека на сите пензионери кои ќе дојдат на шалтер да си ги земат парите ќе им понудат формулари за бесплатни дебитни картички со кои понатаму ќе можат пензиите да си ги подигаат на банкомат и да ги користат за безготовинско плаќање во продажната мрежа.

(С.В.)