Пензиите ќе се зголемат за околу осум проценти, пензионерите бараат и социјален пакет за најранливите

Според статистиката на Фондот на пензиското и инвалидското осигурување, минатиот месец имало 327.678 корисници на пензија. Најниска е земјоделската пензија со просек од 8.484 денари, а највисока е воената, чија просечна вредност е 23.507 денари. Просечната пензија на ниво на држава во јуни изнесува 16.348 денари. Со зголемување од осум проценти, просечната земјоделска пензија би се покачила за околу 680 денари, просечната воена за нешто под 1.900 денари, додека пак просечната на ниво на држава за околу 1.300 денари. Најдобро би поминале лицата со највисоки пензии, кои во нашата држава ги има 34 и примаат 60.294 денари. Ним пензијата би им се зголемила за без малку 5.000  денари. Меѓутоа, прашање е дали нив ќе ги фати покачувањето, зашто највисоката пензија во државата со одлука е лимитирана на 60.294 денари

2003

Околу осум проценти зголемување на пензиите од септември, кога почнува да се применува новата методологија за усогласување на пензиите, најавува министерката за труд и социјална политика Јованка Тренчевска. Ова, според неа, го покажуваат првичните анализи за тоа што ќе донесе новата методологија договорена во март.

Најавеното  покачување ги задоволува барањата на пензионерите, зашто како што вели за весникот ВЕЧЕР, претседателот на Партијата на пензионери, по јануарското зголемување од 2,9 проценти, септемвриското, според нивните пресметки  би требало да биде најмалку двојно повисоко.

-Јас писмено поставив прашање до премиерот колку точно треба да се зголемат пензиите и одговор од него очекувам утре, на собраниска седница за пратенички прашања. Септемвриската пензија ќе се усогласува според податоците за платите и за трошоците на живот за август, што допрва ќе ги објави Државниот завод за статистика, но има некои прелиминарни пресметки, а според нашата математика растот треба да биде најмалку двојно поголем од оној во јануари, кога пензиите се усогласија за околу три проценти, вели за весникот ВЕЧЕР, Николовски.

Тој додава дека од премиерот очекува и одговор каков пакет за помош се подготвува за најранливите групи пензионери.

-Пензионерите во три наврата, во април, мај и јуни добија помош од по 1.000 денари. Но, таа помош им следуваше и на оние со ниски и на оние со највисоки пензии. Сега очекуваме нов пакет, но само за оние со пониски примања, да речеме до 30.000 денари, вели Николовски.

Во март годинава претставниците на пензионерите и на Владата договорија нова методологија за усогласување на пензиите, која првпат ќе се примени во септември. Според тој модел, преземен од Швајцарија, пензиите секој март и септември ќе се усогласуваат со 50 проценти од растот на трошоците на живот и со 50 проценти од растот на просечната плата, што ги објавува Државниот завод за статистика.

Од Владата веќе најавија дека со неодамна усвоениот ребаланс на Буџетот се обезбедени пари за овој рекорден раст на пензиите. Владините пресметки правени во март, кога се договори методологијата, покажаа дека на тој начин пензиите во септември во просек треба да се зголемат за 900 денари.

Според статистиката на Фондот на пензиското и инвалидското осигурување минатиот месец имало 327.678 корисници на пензија. Најниска е земјоделската пензија со просек од 8.484 денари, а највисока е воената, чија просечна вредност е 23.507 денари. Просечната пензија на ниво на држава во јуни изнесува 16.348 денари. Со зголемување од осум проценти просечната земјоделска пензија би се покачила за околу 680 денари, просечната воена за нешто под 1.900 денари, додека пак просечната на ниво на држава за околу 1.300 денари. Најдобро би поминале лицата со највисоки пензии, кои во нашата држава ги има 34 и примаат 60.294 денари. Ним пензијата би им се зголемила за без  малку 5.000  денари. Меѓутоа, прашање е дали нив ќе ги фати покачувањето, зашто највисоката пензија во државата со одлука е лимитирана на 60.294 денари.

Најголем раст на пензиите од 2006 година наваму имаше во 2008 година, кога во јануари се усогласија за 13 проценти, а потоа и во јули за 7,65 проценти. Во 2014, 2015 и 2016 година исто така имаше поголем раст на пензиите, од 600, 621 и 654 денари линеарно. Најмало усогласување на пензиите е регистрирано во 2019 година, кога во јануари се зголемија за 0,70 проценти, а потоа од 1 јули уште за 0,40 проценти.

(С.В.)