Пендаровски: Јас сум медијатор во процесот за одредување на нов датум за избори

39

Датумот за избори не е моја работа, јас сум само медијатор во тој процес. Целта е да се постигне консензус, изјави претседателот на државата Стево Пендаровски во врска со одредувањето датум за предвремени парламентарни избори најавувајќи дека разговори за конкретни датуми за гласањето се очекува да бидат отворени на најавената втора лидерска средба која треба да се одржи на почетокот на идната недела.

– Тргам од интересот на државата, а тоа е да имаме фер и демократски избори неопходни за евроинтеграцискиот процес, рече Пендаровски.

Пендаровски во интервју за ТВ 24 рече дека позициите на политичките лидери во однос на датумот за избори се многу различни.

– Разликите се поголеми од еден месец, рече шефот на државата, кој кажа дека веројатно тие би биле во летен период.

Предупреди дека ќе имаме проблем доколку лидерите не постигнат договор за датум за парламентарните избори и ако се вратиме на политичка влада.

– Немаме Собрание, а тоа неверојатно ги компликува сите работи во правната сфера, рече претседателот.

Шефот на државата уште еднаш повтори дека денешното прогласување на вонредна состојба во траење од 14 дена не е врзано со изборите. Доколку не продолжи вонредната состојба, бидејќи нема Собрание, Владата, како што појасни тој не може да врши плаќања за ублажување на економските штети од ковид-19. Шефот на државата рече дека засега не се знае дали вонредната состојба ќе продолжи после овие 14 дена и оти тоа ќе зависи од здравствената состојба.