Пендаровски се понудил да ѝ биде домаќин на Сакеларопулу

Сѐ уште се свежи раните од Преспанскиот договор, му рекол грчкиот премиер Мицотакис на македонскиот претседател Пендаровски, кој во вторникот и средата беше во официјална посета на Грција, но грчката страна како ратификуван меѓународен договор ќе го почитува и ќе го спроведува. Шефот на државата истакна дека начелно постои изразена волја и желба од страна на неговата грчка колешка Сакеларопулу да ја посети нашата држава што, според него, би била можност дополнително да се скрши мразот. Најтешкиот дел од спроведувањето на договорот во Македонија е спроведен, во Грција променети се сообраќајните табли само на границата, но не и во внатрешноста, поради отпорот против Преспа, кој е најголем во северните делови на Грција.

104

Билатералните односи меѓу Македонија и Грција влегуваат во еден нормален тек, истакна шефот на државата Стево Пендаровски во интервјуто за МИА, на крајот од дводневната, прва, историска официјална посета на еден македонски претседател на Атина. Иако ова е само почеток на еден подолг процес, тој лично очекува дека „динамиката на политички односи на највисоко политичко ниво, премиерско, претседателско, министерско, ќе продолжи да се развива“.

Открива дека Мицотакис, за билатералните односи коментирал дека се како „сѐ уште свежи рани“ во одредени сегменти на политичкиот спектар во Грција, но дека грчката страна како ратификуван меѓународен договор ќе го почитува и ќе го спроведува Договорот од Преспа. Пендаровски додава дека ќе треба време и ќе треба новите генерации да се воспитуваат во духот на европската солидарност и толеранција, за да се надмине отпорот кон договорот кој постои кај двете страни.

За упатената покана, грчката претседателка, родена недалеку од македонско-грчката граница, да оствари возвратна посета на Македонија, шефот на државата истакнува дека „начелно постои изразена волја и желба од нејзина страна да ја посети нашата држава“ што, според него, би била можност дополнително да се скрши мразот. Тој додава дека официјалните разговори со неговата грчка колешка покажале дека кај неа нема никакви предрасуди во однос на почитување на обврските од Преспанскиот договор.

Во однос на имплементацијата на Договорот, тој за време на разговорите што ги имал, потенцирал дека најтешкиот дел од тој компромис кај нас е завршена работа со промена на старото име на државата во институциите, по општините и дека немаме намера да правиме никаква задршка или да блефираме. Во однос на исполнувањето на грчките обврски, промената на сообраќајните знаци или патокази, табли од граница наваму, во внатрешноста на територијата, наведува дека не се завршени, освен на самата граница, поради отпорот против Преспа кој е најголем во северните делови на Грција, како на политичко ниво така и на ниво на црква, но и на невладини заедници.

„Мојот став за Преспа е познат, нашиот став како партија е познат. Не е променет, меѓутоа ние сме сериозна држава, имаме практично скоро два века државност и ние не може да си дозволиме како која партија ќе дојде, за стратешките прашања да имаме различни размислувања од оние кои ни се некогаш и сега најголеми политички опоненти“, рекол Мицотакис за време на разговорот со македонскиот претседател Пендаровски.

(И.С.)