Претседателот Стево Пендаровски преку социјалните мрежи се заблагодари на Сенатот на Соединетите Американски Држави за ратификацијата пристапниот  протокол на Македонија во НАТО на македонски, англиски, но и на албански јазик.

По оваа порака на Претседателот во јавноста се отворија бројни дилеми, но и критики за Пендаровски. Од претседателскот Кабинет за Канал 5  велат дека Пендаровски во комуникацијата со јавноста најчесто користи македонски јазик, а по проценка објавува соопштенија и материјали на социјални медиуми и на други јазици како албански, англиски и знаковен јазик, како што беше и примерот со неодамнешното обраќање на претседателот по заклучоците од Европскиот совет.

,,Користењето на повеќе јазици во комуникацијата со јавноста е со цел нашите пораки да допрат до поголем број на граѓани, кое е во склад со заложбата на претседателот да биде претседател на сите граѓани без разлика на нивната припадност. Внатрешното помирување и инклузијата на сите граѓани се процеси на кои треба заеднички да работиме со цел да изградиме функционална мулти-етничка држава во која сите граѓани ќе имаат еднакви можности”. – велат од претседателскиот Кабинет.

Сепак останува нејасно зошто Претседателот практикува тројазична комуникација, односно која е причината што тој го користи и албанскиот јазик, имајќи го во предвид тоа дека  и во актуелниот Закон за употреба на јазиците чија уставност се спори и пред Уставниот суд децидно се наведува дека македонскиот јазик е единствен официјален јазик во меѓународните односи.