Пендаровски: Приватниот сектор мора да ја влече економијата и државата напред

Претседателот Стево Пендаровски изјави дека неговата задача, во рамки на надлежностите што ги има, е да ја намали поларизацијата во општеството. Порача политичарите да бидат согласни околу стратешките цели во економијата, евроатлантските интеграции и меѓуетничките односи

193

Приватниот сектор треба да биде мотор на промените. Приватниот сектор мора да ја влече економијата и државата напред. Во светот не постои ниту една држава каде приватниот сектор не е доминантен и не постои ниту една држава која се развила со тоа што ги вработувала своите најуспешни студенти во државни институции, истакна претседателот на државата Стево Пендаровски, на вчерашната средба со членките на Сојузот на стопанските комори.


На средбата клучни приоритети кои беа презентирани од бизнис-заедницата беа владеење на правото, борба против корупцијата, борба за елиминација на сивата економија, зајакнување на економската дипломатија и намалување на поларизацијата. Претседателот на Комората, Данела Арсовска, истакна дека претседателот треба да им помогне на приватните компании кои сакаат да излезат надвор, бидејќи само 5 отсто од компаниите во Македонија се извознички.
-Досега политичарите не направија многу за бизнисот. Во изминативе 30 години политиката правеше се за да го попречи бизнисот или што е најтрагично да го стави под своја капа. Бизнис со политичко менаџирање има ефект само за оние кои го менаџираат, не и за народот. Во последниве две години имаме позитивни чекори во спротивна насока. Бизнисот полека почнува да се ослободува од политичките стеги, вели Пандаровски.
Тој информираше дека веќе го комплетирал својот економски тим кој ќе биде составен од три члена. Стопанските комори ќе добијат координати од тие луѓе и ќе имаат дневна соработка. Во сите билатерални посети, како што рече ќе има дел од економските министри за да се отворат можности за соработка и правење бизнис со фирмите од странство.
-Ние треба да ја промениме свеста, бидејќи луѓето кои работат во бизнисот се сметаат за сомнителни. Ако било кој од вас демонстрира некакви пари или ресурси кај нашиот народ се смета дека тоа е добиено на нечесен начин или со некакви политички привилегии, истакна Пендаровски и додаде дека неговата улога е да ја намали поларизацијата во државата на каков било начин.


-Мислам дека политичките поделби се никогаш подлабоки, никогаш поголеми во нашата историја како независна држава и задача на секој од нас е да ги намалиме тие разлики. Концептот на развој не смее да биде различен. Ние политичарите мораме да се согласиме околу следниве три работи кои се клучни за развој се економијата, меѓуетнички односи и евроатлански интеграции и додаде дека во преговорите за влез во ЕУ мора да бидат вклучени луѓе од бизнисот.
Во однос на тоа дека во повеќе од половина од нашите претставништва надвор од државата се уште нема прв човек, претседателот Пендаровски рече дека во иднина ќе се залага на тие места да има луѓе кои имаат познавање од економијата.
Тој како претседател рече дека нема да потпише ниту еден указ за закон за кој бизнисот смета дека е спротивен на нивните интереси. (А.С.)

Фото: Ѕ.Плавевски