Пендаровски на средба со стопанските комори од Платформата за јавно-приватен дијалог

25

Претседателот Стево Пендаровски денеска ги прими претседателите на четирите стопански комори кои се дел од Платформата за јавно-приватен дијалог.

На средбата, како што соопштија од кабинетот на Пендаровски, претседателите на коморите му ги презентирале прогнозите и предизвиците со кои би се соочиле во 2021, со осврт на минатата исклучително тешка година, како на здравствена, така и на економска основа.

-Претседателите на коморите информираа за своите анализи и очекувањата на бизнис секторот, за динамиката по која ќе се одвива увозот и извозот на стоки и услуги. На средбата се разговараше и за владините интервенции во вид на пакети за помош на бизнис секторите погодени од Ковид-19, информираа од кабинетот на Пендаровски.

Истовремено, коморите од Платформата за јавно-приватен дијалог посочиле дека треба да се намали бројот на закони кои се носат по брза постапка, а коишто се однесуваат на стопанството. Во оваа насока, претседателот Пендаровски изразил подготвеност за консултација со било која од коморите при потпишување на указите на законите кои регулираат поединости во бизнис секторот.

На средбата присуствувале Бранко Азески, претседател на Стопанска комора на Македонија, Неби Хоџа од Стопанската комора на северозападна Македонија, Данела Арсовска, претседателка на Сојузот на стопански комори и Анета Антова Пешева, претседателка на управниот одбор на МАСИТ.