Пендаровски: Мораме директно да учествуваме во задржување на работниците во државата

Барањата на Синдикатот се договорите за вработување на определено време да бидат склучувани само во исклучителни ситуации и не подолго од една година, продолжено породилно отсуство до 12 месеци, 38-часовна работна недела, усогласување на платите според колективниот договор и усогласување на прашањата за годишни одмори и другите права

85

И покрај тоа што во новиот Закон за работни односи, кој е во подготовка, се прифатени 20 предлози на синдикатите, претседателот на ССМ, Дарко Димовски на средбата со претседателот на државата Стево Пендаровски рече дека многу прашања околу подобрување на правата на работниците останале отворени.

Овие прашања, како што рече Димовски, се однесуваат на социјалната сигурност, намалување на сиромаштијата, заштита на човековата околина, подобрување на работните вештини…

-Зголемувањето на минималната плата треба да биде основа за зголемување на платата на сите граѓани. Платите и социјалната сигурност се главни фактори кои можат да ги задржат младите да не си заминуваат. Ние сме за европска Македонија, па поради тоа треба да ги прифатиме и европските вредности, а  новиот Закон за работни односи треба да ги задржи европските новини, вели Димовски.

Барањата на Синдикатот се договорите за вработување на определено време да бидат склучувани само во исклучителни ситуации и не подолго од една година, продолжено породилно отсуство до 12 месеци, 38-часовна работна недела, усогласување на платите според колективниот договор и усогласување на прашањата за годишни одмори и другите права.

Димовски од претседателот Пендаровски побара да не донесува закони кои ќе придонесат за рушење на работничките права, секогаш кога се одлучува за работничките права да бидат вклучени и работниците, како и нивно учество во одлуките, политиките и стратегиите кои ги носи Владата, а кои се однесуваат на работниците.

Претседателот Пендаровски рече дека онаму каде што му дозволува неговата функција ќе се заложи за решавање на овие прашања бидејќи, како што рече, работниците се тие кои придонесуваат за развој на економијата и државата.

-Му честитам на Синдикатот за активното учество во подготовката на новиот Закон за работни односи во кој 20 нивни предлози се прифатени, рече Пендаровски и додаде дека и покрај високата стапка на невработеност има многу слободни работни места и затоа мораме директно да учествуваме во задржување на работниците во државата.

Според него, освен донесување на новиот Закон за работни односи, потребна е негова доследна имплементација. – Без гласот на синдикатите не можеме да изградиме праведно општество, заклучи претседателот Пендаровски. (А.С.)