Пендаровски: Единствениот начин да се додржиме е со ум и со балансирање

108

Единствениот начин да се додржиме во државава е со ум и со балансирање меѓу различните етникуми, религии, луѓе кои живеат тука, порача вечерва претседателот Стево Пендаровски.

Шефот на државата тоа го истакна во интервју на ТВ Канал 5, прашан „како гледа на улогата на претседателот на Македонската академија на науките и уметностите (МАНУ) Љупчо Коцарев во однос на неговите ставови против договорите со Грција и Бугарија и текстот во кој наведува дека последниот Македонец ќе исчезне во 2084 година, како гледа на институцијата и генерално дали има шанси да се разбреме ние Македонците?“.

-Во однос на тие негови писанија не би се потресувал толку многу што напишал господинот Коцарев затоа што се работи за физичар, кој од меѓунатродна политика, внатрешна политика, етногенеза, се разбира колку што јас се разбирам во атомска физчка, значи, многу малку или воопшто не се разбира. Мене ме чуди друга работа, таму постојат луѓе во раководството на МАНУ кои се со завидни референци, професионални, лични, политички, и кај нив има молк. Тие молчат. Зошто мислам дека тие би морале да заземат позиција и да кажат јавно што мислат? Затоа што  во последниот текст на дотичниот  господин стои дека тој заедно со МАНУ од септември ќе го  просветувал и ќе го будел македонскиот народ, рече Пендаровски.

Би било интересно, дополни, да се види ,или господинот Коцарев мисли да ја регистрира МАНУ како политичка партија па да учествува на избори и тогаш другите академици ќе треба да кажат каде се гледаат себеси во тој нов политички субјет и тоа значи како институција заедно ќе го освестуваат Македонецот, а  другиот резон зошто мислам дека тие мора да излезат час поскоро во јавноста е затоа што МАНУ има многу лоша репутација. Паметите, 2001 година, таа институција излезе со еден стравичен документ со размдена на луѓе  и територии и тоа наспроти перцепциите и заложбите на некои академици кои сакаа се тоа да го стават само на грбот на покоен академик Ефремов- тоа не е точно, целокупното раководство  на тогашно МАНУ го разгледуваше документот за размена на луѓе и територии. Десетина години подоцна истата таа академија излезе со некаква македонска енциклопедија, самите ја повлекоа  од срамови, затоа што главните нивни референтни точки се потпираа на извори како Википедија и кафеанси озборувања.

-Мислам дека од тој аспект уште еден девастирачки документ или став, бидејќи овие ставови се девастирачки или се на моменти дури  и профашистички, во една ваква хетерогена држава се многу опасни и бараат час поскоро раководството на Академијата да каже што мисли во однос на тие предлози и дали навистина имаат намера да го будат Македонецот од септември натаму,  наведе Пендаровски.

Во коментар на тоа дека „некој можеби би помислил дека има ваков став поради тоа што се споменува дека можеби ќе биде канидидат“ Пендаровски рече дека воопшто не размислува за втор мандат.

-Воопшто не размислувам за втор мандат, само ви кажувам дека реалноста е таа. Тие ставови се опасни, но не ме чуди  што доаѓаат од човек кој е физичар, мене ме чуди што овие другите кои имаат завидно и политичко искуство, некои од нив биле и министри. Многу добро знаат, единствениот начин во оваа земја да се додржиме не е со куршум туку со ум и со балансирање меѓу различните етникуми, религии, луѓе кои живеат тука. Македонија е таква, постои внатрешна  структура и ти ако почнеш да викаш Македонците се разнебитуваат против Албанците и Албанците против Македонците – рецепт за катастрофа, рече Пендаровски.