Пендаровски домаќин на лидерска: Теми се Самитот на ЕУ и предвремени избори

79
Претседателот Стево Пендаровски попладнево (17 ч.) во вила Водно ќе биде домаќин на лидерска средба со претседателите на најголемите партии во македонскиот Парламент. Закажана е по недобивањето на датум за почеток на пристапните преговори на Северна Македонија со Европска Унија по дводневниот самит во Брисел и главна тема ќе бидат предвремени избори, предлог што во текот на вчерашнот ден го даде премиерот Зоран Заев.

Поканата на Пендаровски, според најавите, е прифатена од сите адресирани страни и на маса во претседателскиот објект ќе седнат првите луѓе на СДСМ, Зоран Заев, на ВМРО ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, на ДУИ, Али Ахмети, на Алијансата на Албанците, Зијадин Села, на „Алтернатива“, Африм Гаши и на Движењето „Беса“, Билал Касами.

Седумката на Водно ќе разговара за впечатоците по дводневниот Самит во Брисел и за реакциите што произлегоа по конечната одлука на лидерите на ЕУ. Но, главната тема на средбата ќе биде расправа по предлогот на Заев за предвремени парламентарни избори за, како што вчера нагласи, „народот да одлучи по кој пат ќе продолжи да се движи земјата“ и, секако, за датумот за нивно одржување.