Пендаровски: Договорот со Бугарија го постигнавме полесно, проблем ќе биде имплементацијата

115

Договорот со Бугарија го постигнавме полесно, но во имплементацијата може да имаме проблеми. Во комисијата на историчари има политички влијанија, а околностите и амбиентот не е како пред 5-6 месеци, оцени претседателот на државата Стево Пендаровски на денешниот состанок на Амбасадорскиот совет, на кој два дена ќе се дикутира и ќе се градат насоки за европерспективата на земјава.

Има позиција државниот врв, истакна Пендаровски, унисони сме во таа заложба да и дадеме политички грб на работата на комисијата и да овозможиме од наша страна амбиент за нејзина продуктивна работа. Тоа го очекуваме и од Софија, порача претседателот на државата Пендаровски и рече дека не гледа стратешка причина, ниту дневно политичка за комисијата да нема напредок.

– Но, ние ќе создадеме амбиент тој да се постигне. Не смееме да пропуштиме било што во тие преговори кои се многу битни. Тоа што ќе го потпишеме треба да трае, не ни треба ад-хок решение кое ќе се сруши. Треба цврсто да застанеме на стратешките интереси на земјата, а за тоа државниот врв има заеднички став, рече претседателот.

Според него, во работата на заедничката комисија на историчари се случуваат политички влијанија кои ја забавуваат нејзината работа.

– Цврсто да застанеме и како политичари и како дипломати на позицијата на стратешките интереси на земјата и на нацијата во тие преговори кои се исклучително битни, изјави Пендаровски и изрази надеж дека следната средба на комисијата во септември ќе биде продуктивна.

Претседателот Пендаровски денеска се обрати на годишниот Амбасадорски совет којшто годинава е посветен на европската перспектива на Република Северна Македонија.

Шефот на државата најави дека во наредните четири месеци ќе има позасилена дипломатска активност. До крајот на годината ќе ги посети Виена, Токио, Париз, Рим и Варшава, а во почетокот на октомври во Скопје доаѓа претседателот на Црна Гора.