Пендаровски: Да се вложиме сите за Македонија да биде на сите

64

Ми дадовте огромна политичка одговорност, која во месеците и годините што се пред нас имам намера да ја оправдам во целост, во интерес на подобриот и посреќен живот на сите наши граѓани, рече Стево Пендаровски, кој  попладнево доби едногласна поддршка од 712 делегати од 783 присутни на 23-тиот конгрес на СДСМ.

Актуелениот национален координатор за подготовка на земјата за членство НАТО и универзитетски професор Пендаровски официјално влегува во трката за претседател на државата на шестите избори на 21 април. Своето обраќање Пендаровски го почна со благодарност за изборот и, како што објави и вчера на својот фејсбук-профил, рече дека е чест што добива поддршка од 31 политичка партија, од претставници на сите етнички заедници, но и од многу граѓани кои не се членови на партии, а на кои, рече, „нашата Македонија им лежи во срцето“.

Посебна благодарност упати до СДСМ и до лидерот и премиер Зоран Заев кои, како што рече, направиле политички потег без преседан и му дале шанса повторно да биде кандидат по пет години, да  влезе во трка за претседател повторно по 2014 година кога, рече, „сите ние бевме предмет на брутален изборен инженеринг“.

-Немаме друга алтернатва освен да победиме на 5 мај. Ве уверувам дека ја имаме истата страст и истата енергија како и во 2014 година да покажеме дека во овие турбулентни времиња, на овој дел на Балканот, токму оваа политичка опција и токму овие луѓе, најдобро го разбираат историскиот контекст и сакаат, конечно, да го заокружат проектот на интегрирана, демократска и мултиетничка Република Северна Македонија. На 21 април и на 5 мај нема да се решава за нечија политичка кариера. Тоа ќе биде најмалку битно. Далеку поважно е да покажеме дека во една мултиетничка држава на Балканот е возможно луѓе од различни етникуми да се обединат за исти цели – членство во евроатлантските интеграции, закони кои ги унапредуваат правата на граѓаните и политички претставници кои ги надминуваат и поминуваат  вековните етнички линии на поделба, истана Пендаровски.

Драго  му е  што првпат од независноста на државата зад неговата кандидатура пред избори застануваат и три политички партии на етничките Албанците кои се дел од Владата, а и оние кои се во опозиција, рече, иако ќе одат со свој кандидат, немаат приговор на неговите ставови за меѓуетничката толеранција и, како што рече, за улогата и местото кое Албанците мора да го имаат во заедничката држава.

Пендаровски ги спомна и другите тројца фаворити и кандидати на СДСМ, министрите Спасовски, Димитров и Шекеринска кои, рече, се негови пријатели и соборци за иста кауза. Им се заблагодари за начинот на кој се презентирале себеси во изминатиот период: „максимално достоинствено, без потценување на останатите и без да го разнишаат ниту за милиметар политичкиот проект со историски пропорции за кој се бориме заедно со години“.

Подвлече дека по цела една деценија  „автократски режим на фамилијата“, во последните две години почнале од земјава да доаѓаат убави вести. За актуелната власт рече дека направила чудо со две работи – со уривање на режимот и со Договорот со Грција, додавајќи дека само тие се доволни за да бидат запаметени од историјата.

-Посакувам со наш заеднички ангагжман во наредните месеци да создадеме уште една таква вест, која сите искрени борци за слобода и демократија, не само овде, туку пошироко – во регионот и Европа, ја очекуваат со нетрпение, рече Пендаровски, заблагодарувајќи се за довербата и со повик сите заедно да се вложат, како што рече, „за Македонија – за Македонија да биде на сите“.