Пендаровски ќе ги потпише указите за законите за изградба на автопатите

119

Шефот на државата, Стево Пендаровски, ќе ги потпише указите на Законот за работни односи и на другите четири закони за изградба на коридорите кои минатиот петок по брза постапка поминаа во парламентот. Во образложението зошто ја донел ваквата одлука, Пендаровски истакна дека изминатава недела направил низа консултации со експерти од областа на трудовото право, со поранешни судии од уставниот суд, како и со советниците во неговиот кабинет за темата, по што ја донел одлуката.

Првиот е закон за изменување на Законот за работни односи, потоа Законот за експропријација, Законот за градење, Законот за урбанистичко планирање и Законот за утврдување на јавниот интерес и номинирање на стратешки партнер за изградба на коридорите. При носењето на одлуката, Пендаровски рече дека ги имал предвид и приговорите од стопанските комори, синдикатите, како и на граѓанските здруженија од оваа сфера, но и забелешките на политичките партии.

Тој образложи дека по неговите јавни изјави дека нема да потпише 60-часовна работна недела оти е неуставна, во указот што стигнал кај него, таков предлог немало.

– Се разви дебата во општеството и за нивната уставност. Дебатата беше злоупотребена за поларизација на нашето општество. Во однос на Законот за работни односи сакам да ве информирам дека усвоениот текст не ја содржи оспорената одредбата од Уставен суд која предвидуваше дека работното време на секој работник може да биде во просек 60 часа неделно во текот на годината. Јас кажав дека нема да потпишам закон кој содржи одредба оспорена од Уставниот суд и во таа насока во измените на законот нема таква одредба – рече Пендаровски.

Тој ги потсети тие што имаат забелешки по законите на кои тој го стави својот потпис, дека имаат можност да поднесат иницијатива за оценка на уставноста на секој закон, како и на законот за работни односи до Уставниот суд.

– Уставниот суд е единствената институција во нашиот правен поредок која го дава последниот збор во однос на уставноста на законите. Уставниот суд има на располагање и механизми со кои може брзо и ефикасно да донесе соодветна одлука, ако така сметаат уставните судии – нагласи Пендаровски.

Собранието изминатиот петок ги изгласа петте закони за „Бехтел и Енка“ откога тие беа вторпат предложени. Првиот обид, кога измените на законите беа предложени од пратеници заглавија во собраниска процедура, а опозицијата недвосмислено кажа дека ќе ги блокира. За да ја заобиколи блокадата, Владата ги предложи измените на петте закони со европско знаменце и покрај забелешките на опозицијата и на амбасадорот на ЕУ во земјава, Дејвид Гир, дека знаменцето е злоупотребено оти не се работи за усогласување со европското законодавство.

Прашан дали очекува со ставањето параф на овие закони да добие поддршка од СДСМ и ДУИ за втор претседателски мандат, Пендаровски одговори дека пред неколку денови направил 4 години од мандатот.

– Македонската јавност го следи моето однесување и знае дека во неколку наврати за битни закони сум имал спротивно мислење од Владата. Не сум калкулирал со поддршка никогаш. Слушам дека некои размислуваат во една модификувана насока дека ова е „Бехтел и Енка“ во позадина и ако јас потпишам ќе ја добијам поддршката на Америка и обратно. Тоа се детски анализи и никогаш немале втемеленост во реалноста. Ако е нешто во прилог на граѓаните го потпишувам, сосема небитно кој го предлага. А ако спротивно на нивните интереси, не знам, кој и да се јави и да влијае…  – рече Пендаровски набројувајќи низа ситуации кога не го ставил својот потпис.

(С.Бл.)