Претседателот Пендаровски на средбата му укажал на евроамбасадорот Жбогар дека очекува од лидерите на членките на ЕУ да бидат принципиелни и доследни на дадените ветувања, да го валоризираат сработеното и да дозволат земјава да ги почне преговорите со Унијата. Жбогар, пак, му посакал среќа на Пендаровски во создавањето на нова атмосфера во земјава, без јазови во општеството

Симболичен почеток на мандатот на новоизбраниот претседател на Република Северна Македонија, Стево Пендаровски, кој вчера, на првиот работен ден како претседател на државата, првата средба ја оствари со претставникот на Европската Унија во земјава. Пендаровски во својот кабинет во “Вила Водно” го пречека евроамбасадорот Самуел Жбогар, со што потврди дека неговиот фокус е Унијата. Евроамбасадорот Жбогар по средбата со Пендаровски порача дека се надева на успешна соработка со претседателот во деновите и месеците што претстојат за интеграција на Северна Македонија во Европската Унија.

-Имав средба со претседателот Пендаровски. Му ги пренесов честитките од претседателот на Европскиот совет Доналд Туск и од претседателот на Европската комисија Жан Клод Јункер, во кои тие изразуваат подготвеност за многу блиска соработка за европската иднина на Северна Македонија и за градење на заедничка Европа, рече Жбогар.

Евроамбасадорот рече дека на средбата изразил почит за вчерашните пораки на Пендаровски на инаугурацијата, пораки за помирување, за подавање рака, за обединување на сите политички сили во земјата во интерес на сите граѓани и напредок на државата.

-Охрабрен сум од неговите пораки и од денешната средба. Разговаравме за неговата можна посета на Брисел и средби со лидерите на Европската Унија, нешто на што ќе работиме во наредните недели, рече Жбогар по средбата со Пендаровски.

Преку социјалните мрежи, пак, Жбогар му посака среќа на Пендаровски во создавањето на нова атмосфера во земјава.

-Со претседателот Пендаровски разговаравме за потребата да ги излечиме јазовите во општеството; фокусирање на умовите и напорите на политичарите и луѓето на иднината на земјата во ЕУ. Му посакав среќа во создавањето на оваа нова атмосфера, вели евроамбасадорот на неговиот твитер-профил.

 

 

 

Пендаровски, како што соопшти неговиот кабинет, ја искористил оваа прилика да му укаже на Жбогар дека почетокот на преговорите за членство на Република Северна Македонија во ЕУ е заслужен и неопходен со цел поттикнување на севкупните реформи и унапредување на политичката култура во земјата.

– Очекуваме од лидерите на членките на Европската Унија да бидат принципиелни и доследни на дадените ветувања. Да го валоризираат сработеното и да овозможат Република Северна Македонија да постигне успех на планот на евроинтеграциите, истакна претседателот Пендаровски на средбата со евроамбасадорот Жбогар.

Пендаровски и Жбогар се согласиле дека Република Северна Македонија е единствена функционална демократија во регионот, со оглед на успешно организираните и спроведени претседателски избори, изборот на претседател, како и коректноста на опозицијата во контекст на изборниот процес и признавање на резултатите и волјата на граѓаните. Тие констатирале дека напредокот во евроинтеграциите е од клучно значење за подобрување на животниот стандард и одржување на еврооптимизмот на граѓаните во земјава.

На средбата биле разменети мислења за реализацијата на приоритетите и реформите на Република Северна Македонија во однос на европските интеграции.

Евроамбасадорот вчера се сретна и со Гордана Сиљановска-Давкова, која на претседателските избори беше кандидатка од ВМРО-ДПМНЕ, со која, како што напиша Жбогар на Твитер, се согласиле дека иднината на земјата е во ЕУ.