Пендаровски:Безбедноста е стабилна, но постои закана од нов бран мигранти

40

Претседателот Стево Пендаровски, по одржување на Седница на Советот за безбедност, заклучи дека состојбата во земјата и во регионот е стабилна, и дека не се очекува дополнително да биде загрозена во блиска иднина.

-Состојбата во земјата и во регионот е стабилна, и не може да биде загрозена нашата безбедност, изјави претседателот Стево Пендаровски веднаш по седницата на Советот за безбедност.

Во идните неколку месеци би можел да биде проблем евентуален нов бран на мигрантска криза.

-Најголема криза во моментов е пандемијата на ковид-19. Пандемијата продира во сите полиња. За првпат годинава имавме вонредна состојба, а армијата и полицијата имаа сосема поинаков вид на задачи. Пандемијата останува најважниот предизвик и во следните месеци, но не очекуваме дека ќе има развој кој ќе влијае на општата безбедност. Безбедносните служби ќе продолжат да ги следат трендовите кај нас и во регионот, сите потенцијални закани и ризици, и за тоа ќе продолжат да го информираат државниот врв и Советот, изјави претседателот Пендаровски.

Во фокусот на разговорите на осмата седница на Советот за безбедност, што се одржа во „Вила Водно“, беа политичко-безбедносната состојба во земјава по членството во НАТО.

На покана на претседателот Пендаровски, на седницата, покрај постојаните членови на Советот, присуствуваа и директорите на Агенцијата за разузнавање, Еролд Муслиу, на Агенцијата за национална безбедност, Виктор Димовски, и на Оперативно-Техничката Агенција ОТА, Зоран Ангеловски, како и началникот на Генералштабот на Армијата на Северна Македонија генерал-потполковник Васко Ѓурчиновски.