Пелагониски средби 2022:Повелба за животно дело за Славе Николовски-Катин

138

Наградата „Повелба за животно дело“ на Пелагониските средби 2022 ќе ја добие публицистот Славе Николовски-Катин за неговиот севкупен труд и придонес во науката, културата, новинарството, религијата и општественото живеење, одлучи Советот на оваа манифестација. Наградата на Катин ќе му биде врачена на Пелагонските средби во октомври годинава.

-Славе Катин е голем вљубеник во својата родна Преспа и Охрид, во етничка Македонија и македонскиот народ, како и во Македонската православна црква – Охридска архиепископија и во македонското иселеништво насекаде во светот. Тој ѝ е познат на македонската и на меѓународната јавност по неговите бројни публикации, новинарски и научни трудови кои се посветени, главно, на етничка Македонија и на животот на Македонците во дијаспората, соопшти организаторот на Пелагонските средби.

Посочува дека манифестацијата „Пелагонските културно-научни средби“ е од големо значење за Општината Новаци, за Битолскиот крај и во целост за зачувување на културно-научното наследство во земјава.

-Носители на активноста се познати писатели, научни творции други културолози кои со својот личен труд дале и даваат особен придонес за опстој на Средбите. Пелагонските средби се одржуваат секоја година, вообичаено во првата половина на октомври, на кои настапуваат по педесетина учесници од различни области на секоја средба, чии трудови се печатат во зборници, се наведува во соопштението.