Педесет дела создадени на Ликовната колонија „Кавадарци-Михајлово“

43

Педесет дела беа создадени во рамки на традиционалната ликовна колонија „Кавадарци-Михајлово“, која заврши викендов, а беше во организација на кавадаречкиот Дом на култура. Годинава поради пандемијата со коронавирус, колонијата траеше помалку денови, со почитување на мерки за превенција и заштита од Ковид-19.

Дел од уметниците твореа лично присуствувајќи на меѓународната манифестација, а дел ги реализираа делата во своите ателјеа и ќе ги презентираат онлајн.

„Авторите учесници на колонијата дадоа дел од себе, го ставија на овие платна и го споделуваат со љубителите на уметноста“, рече ликовниот уметник Владимир Темков, пред присутните кои дојдоа да ги видат насликаните дела, во галеријата на културната институција. Директорката на Домот на културата „Иван Мазов-Климе“, Јулијана Туриманџова изрази благодарност за финансиската поддршка до градоначалникот Митко Јанчев и Советот на општина Кавадарци, како и до Министерството за култура и вработените во културната установа.

Сите кои твореа во изминатите неколку дена во летната бавча на културниот дом, добија сертификати за учество на колонијата. На затворањето на колонијата, беше организиран и рок концерт.