„Пајак“ на Водно ќе лови паркирани возила по тесните улички

3071

Во тој дел ќе биде ангажиран посебен тим од вработени од ЈП „ПОЦ“ и тоа од 8 до 22 часот. Кај нив ќе може да се реагира и да се пријавува, а тие ќе алармираат. – Ние немаме интерес во тој дел, бидејќи не може да се наплаќа, дециден е Богдановиќ, но додава дека ќе настојуваат таму да воспостават ред бидејќи споредните улички се блокирани поради паркирани автомобили

 

Јавното претпријатие „Паркинзи на Општина Центар“ заедно со Општина Центар ќе воспоставуваат ред во паркирањето на споредните улички на Водно. Дури и оние жители кои имаат големи дворови и места за паркирање, ги оставаат автомобилите надвор и на тој начин го попречуваат движењето на останатите. Се паркираат и од левата и од десната страна. Тоа се случува на повеќето улици на Водно, како што се „Рилски конгрес“, „Салвадор Аљенде“, „Славејко Арсов“.

Градоначалникот на Општина Центар, Саша Богдановиќ вели дека за Водно ќе има посебно сообраќајно решение кое е во изработка, а ќе се применува  и Правилникот за поставување на блокатори на тркалата на возилата со кои ќе се реагира во тој дел.

Главно е тоа што ЈП „ПОЦ“ ќе набави и четврти помал „пајак“ кој ќе може да влегува во потесните улички и да ги подига непрописно паркираните автомобили.

– Најголем дел од улиците на Водно ќе бидат само за резиденти и ќе се толерираат само оние паркирани автомобили чии сопственици немаат место во дворовите за нивно паркирање – вели Богдановиќ.

Во тој дел ќе биде ангажиран посебен тим од вработени од ЈП „ПОЦ“ и тоа од 8 до 22 часот. Кај нив ќе може да се реагира и да се пријавува, а тие ќе алармираат.

– Ние немаме интерес во тој дел, бидејќи не може да се наплаќа, дециден е Богдановиќ, но додава дека ќе настојуваат таму да воспостават ред.

Тој потенцира дека уште подобро ќе биде кога ќе се донесе Законот за комунални инспектори кога ќе нема потреба да се ангажира „пајак“, туку самиот комунален инспектор кој ќе може да санкционира, бидејќи сега „пајакот“ мора да оди во придружба со полицаец.

Ако има потреба во дел од улиците на Водно ќе се смени и сообраќајниот режим, но главната цел е да се воспостави зона која ќе ја контролира „ПОЦ“ со свои луѓе.

– Овие луѓе ќе бидат задолжени само за тој дел и кои, штом ќе забележат непрописно паркирање ќе реагираат и ќе алармираат, а ќе има и едно возило „пајак“ кое ќе биде дежурно, а тоа ќе биде новиот мал „пајак“ кој ќе може да влегува во тесните улички – дециден е Богдановиќ.

Тој вели дека не е сигурен дали тоа ќе може да се изведе пред изборите, но битно е дека одлуката е подготвена и ќе може да се реализира откако тие ќе завршат.

(А.П.) – фото: Ѕ.П.