ПАЃААТ ЦЕНИТЕ на храната во светот

156

Цените на храната паднаа и во јануари, десетти месец по ред, како одраз на пониските цени на маслодајните семиња и млекото и млечните производи, објави Агенцијата на ОН за храна и земјоделство (ФАО). Индексот на цените на кошницата основни прехранбени производи падна за еден поен минатиот месец во однос на ревидираната вредност во декември, на просечни 131,2 поени, што е најниско ниво од септември 2021 година, објави Ројтерс повикувајќи се на ФАО.

Вредноста на тој индекс на почетокот на годината е за 18 отсто помала од вредноста во март минатата година, првиот месец од руската инвазија на Украина.

На почетокот на годината најмногу поевтинија растителните масла за 2,9 отсто во однос на декември, поради намалената побарувачка на палминото и соиното масло и големата понуда на сончогледово и масло од репка.

Млекото и млечните производи поевтинија за 1,4 отсто, а шеќерот за 1,1 отсто во однос на декември.

Цените на житарките беа повеќе или помалку непроменети во однос на декември, бидејќи намалувањето на цената на пченицата од 2,4 отсто под влијание на силно производство во Русија и Австралија го неутрализираше растот на цената на оризот од 6,2 отсто, поддржан од бранот побарувачка во одредени азиски земји.