Трошокот за најтешко болните лица на Инфективната клиника во Скопје достигнал околу 5.000 евра, колку што им исплаќал Фондот за здравствено осигурување по пациент што се лекувал на респиратор во 2021 година, а во земјите од регионов, трошокот достигнал и до 17 илјади евра. Во Германија, пак, пациент хоспитализиран во болница ја чини клиниката од 25.000 до 30.000 евра

 

Лекувањето пациенти со ковид-19 во болнички услови не само што е долг процес туку бара и поголеми финансиски средства. Од почетокот на пандемијата, најголемиот дел од граѓаните беа принудени да плаќаат приватно за ПЦР-тест, за витамини, за здрава исхрана и слично, додека потешките пациенти, како што велат, дневно трошеле и до 1.000 евра доколку се лекувале во приватните болници.

И државата лани остана покуса за 35 милиони евра. Овие пари се потрошени само за една година, за лекување на пациенти позитивни на вирусот. Според податоците од Фондот за здравство, во 2021 година, во државните болници и клиники биле лекувани скоро 24.000 пациенти. Најголемиот дел од овие нив, 13.788, се лекувале во општите болници ширум земјава и во ГОБ „8 Септември“, каде што просечно пациентите биле хоспитализирани по 10 дена. За еден ковид-пациент, од Фондот на здравствената установа ѝ биле префрлани околу 1.000 евра.

На Клиниката за инфективни и фебрилни состојби, за една година болнички се лекувале 2.195 лица кои биле позитивни на вирусот. Од нив, 102 лица биле на респиратор повеќе од 15 дена. Како што појаснуваат од Фондот за здравство, се работи за најсложената и најскапа здравствена услуга и за еден пациент од фондовската каса биле префрлени по 5.000 евра.

Во земјите од регионов, трошокот за лекување за еден ковид-пациент е далеку повисок. Во Словенија и во Хрватска како земји членки на ЕУ, таа чини од 15.000 до 17.000 илјади евра. Во соседна Србија цените се нешто пониски, додека во Германија пациент хоспитализиран во болница ја чини клиниката од 25.000 до 30.000 евра.

Од почетокот на пандемијата, поточно од април 2020 година, сите пациенти што биле заразени со ковид-19 и притоа биле хоспитализирани во јавните здравствени установи во Македонија, со уредба на Владата се ослободени од плаќање за лекувањето. Ослободувањето од плаќање на болничките услуги се однесува и за граѓаните кои не се осигуреници на Фондот.

Досега во земјата се направени вкупно 2.007.553 тестирања на ковид-вирусот. Вкупната бројка дијагностицирани лица во нашата земја кои биле позитивни на вирусот од почетокот на епидемијата изнесува 309.062, бројот на оздравени пациенти е 299.064. Битката со овој опасен вирус ја изгубија 9.271лица, а бројот на активни случаи во моментов изнесува околу 700 . Во десетина градови во земјава нема регистрирано ниту едно лица што е позитивно на вирусот.

(В.Ма.)