Потребни се културно-информативни центри што ќе ги зближуваат граѓаните на двете држави, а не клубови кои ќе предизвикуваат негативни емоции, порача денеска премиерот Димитар Ковачевски по последниот напад врз бугарскиот клуб „Цар Борис Трети“ во Охрид, барајќи граѓаните да се однесуваат достоинствено. Бугарското Министерство за надворешни работи категорично го осуди нападот врз клубот во кое беше употребено огнено оружје и побара итно расчистување на инцидентот. И македонското МНР оштетувањето на стаклото на бугарскиот клуб во Охрид, кое се случи вчеравечер, го осуди, оценувајќи го како вандалски чин. Бугарскиот претседател Румен Радев, коментирајќи го нападот посочи дека „агресијата врз Бугарија и врз Бугарите е всадена кај нашиот сосед со децении“.

Граѓаните да бидат достоинствени, побара македонскиот премиер по последниот инцидент со бугарскиот клуб во Охрид, да се однесуваат со европски манири, како што доликува на членка на НАТО и држава која има отворено преговори со ЕУ.

-Јас кажав, уште кога се отвораа тие клубови, дека имињата кои беа избрани може да претставуваат провокација со оглед на тоа дека тие имиња што беа дадени будат негативни чувства во најголемиот дел од нашето општество со оглед на тоа дека тие личности се поврзани со најтемните периоди во европската историја. Исто така, тогаш повикав да се отвораат клубови, односно културно-информативни центри кои ќе ги зближуваат граѓаните на двете држави и двете држави, а не клубови кои ќе предизвикуваат негативни емоции кај граѓаните. Исто така, повикав и нашите граѓани да бидат достоинствени, и да се однесуваме согласно со европските манири, бидејќи сме држава членка на НАТО и држава која има отворено преговори со ЕУ и идна полноправна членка на ЕУ. И затоа треба да бидеме на ниво на такво однесување, истакна премиерот Ковачевски.

Тој потсети дека имаме нов закон за здруженија на граѓани, согласно кој ќе мора да се усогласат сите здруженија кои се регистрирани во државата, без разлика кои се и какви се, а побарал и изработка на комплетно нов закон за здруженија на граѓани и фондации усогласен со сите политички партии, со претставниците на еврејската заедница и со експерти и истиот да се базира на германското законодавство, на кој работи Министерството за правда.

Ковачевски воедно најави дека наскоро од Владата ќе биде поднесено барање до Владата во Софија за отворање на официјални културно-информативни центри за што во комуникација се министерствата за култура на двете земји.

Бугарското МНР категорично го осуди, како што се наведува, сериозното кривично дело во кое беше употребено огнено оружје врз клубот „Цар Борис Трети“ во Охрид и изрази очекување дека македонските надлежни органи во најкраток можен рок ќе преземат мерки за откривање и изведување пред лицето на правдата на сторителите. Ова е трет напад врз клубот Цар Борис Трети, за помалку од два месеца, а Софија за инцидентот веќе ја информирала и ЕК. По тој повод, денеска во МНР на Бугарија, на средба беше повикана и амбасадорката на  Македонија, Агнеза Руси-Поповска, на која ѝ беше врачена протестна нота.

Македонското Министерство за надворешни работи веднаш по инцидентот го осуди оштетувањето на стаклото на бугарскиот клуб „Цар Борис Трети“ во Охрид оценувајќи го како вандалски чин.

-Ваквите настани се целосно неприфатливи, можат да загрозат човечки животи, и ги засилуваат ретроградните процеси кои се во спротивност со европските интеграции на земјава, се наведува во реакцијата за МНР.

По повод нападот се огласи и бугарскиот претседател Радев, кој коментираше дека оваа агресијата кон Бугарите е всадена.

„Агресијата врз Бугарија и врз Бугарите е всадена кај нашиот сосед со децении. Кога имавме огромен притисок безусловно да дозволиме Република Северна Македонија да ги започне преговорите за членство во ЕУ, јас тогаш двапати наметнав вето и го покренав прашањето пред ЕУ за правата на македонските Бугари, дека нивните права мора прво да се гарантираат со тоа што ќе бидат запишани во Уставот на земјата, а потоа ќе се отвори патот за преговори. Овој став се бранеше до последно. Благодарение на раководството на француското претседателство и претседателот Макрон, стана факт“, посочи денеска Радев.

Бугарскиот претседател ја искористи оваа прилика да го потсети македонскиот државен врв дека „патот кон Европската Унија минува низ признавањето и почитувањето на правата на македонските Бугари, на нашето културно и историско наследство“.

(И.С.)