Патеки за планинарење, за велосипедизам, адреналиски парк, зиплајн… дел од замислените понуди

323

-Посебен акцент ќе биде ставен на делот со велосипедизмот, како еден од најбрзорастечките трендови во светот. Постојната инфраструктура (жичницата) ни овозможува идеални услови за развој на овој тип рекреација и спорт. Зиплајнот, како неизоставен дел од секој адреналински парк, е само една од многуте содржини со кои се надеваме дека ќе го збогатиме животот на скопјани, а секако и ќе привлечеме што повеќе туристи од регионот и од странство кои практикуваат ваков тип на рекреација – децидни се од Градот

 

Концептуален план за комплетна понуда на планината „Водно“ од аспект на авантуристички туризам, рекреација, спорт и активен одмор треба да содржи Студијата за туристичко-рекреативен центар „Водно“, за чија изработка Градот Скопје  распиша оглас во Бирото за јавни набавки.

-Студијата би била еден вид на мастерплан за иден развој на планината. Содржините што би сакале да се дел од студијата се наведени во самата спецификација, а вклучуваат патеки за планинарење, патеки за велосипедизам, нови видиковцки и летниковци, пунктови за изнајмување на велосипеди, адреналински парк, зиплајн, итн. – објаснуваат од Градот.

 

Градските власти очекуваат од договорната страна овој список да го надополни со многу повеќе содржини по терк на европските центри од сличен тип.

– Посебен акцент ќе биде ставен на делот со велосипедизмот, како еден од најбрзорастечките трендови во светот. Постојната инфраструктура (жичницата) ни овозможува идеални услови за развој на овој тип рекреација и спорт. Зиплајнот, како неизоставен дел од секој адреналински парк е само една од многуте содржини со кои се надеваме дека ќе го збогатиме животот на скопјани, а секако и ќе привлечеме што повеќе туристи од регионот и од странство кои практикуваат ваков тип на рекреација – децидни се од Градот.

При презентацијата на „Студијата за валоризација на парк-шумата „Водно“, на 26 август, годинава, скопскиот градоначалник Петре Шилегов најави дека како идни активности на Градот во насока на зачувување на Водно е изработката токму на оваа студијата за туристичко-рекреативен центар „Водно“, но и маркирање на постојни планинарски патеки на Водно и изработка на мапа со тежина на рути и маркација со GPS.

– Особено внимание посветуваме на велосипедизмот и користењето на патеките од страна на пешаците и планинарите. Водно е клучно за квалитетот на амбиентниот воздух во Скопје и квалитетот на животната средина – истакна тогаш  Шилегов.

Инаку, огласот за изработка на Студија за туристичко-рекреативен центар „Водно“ е објавен на 23 септември на сајтот на Бирото на јавни набавки.

Според огласот критериумот за доделување на договорот е најдобриот однос меѓу центата и квалитетот, така што цената ќе се бодува со 60 поени, додека квалитетот – организација, квалификации и искуство на персоналот кој ќе го извршува договорот со 40.

Заинтересираните за овој оглас за изработка на Студија за туристичко-рекреативен центар „Водно“, понудите треба ги достават најдоцна до 9.10.2019 година во 12 часот, кога и ќе се спроведе нивно јавно отворање.

Градот прескокнува чекори

И покрај сите ветувања дека ќе се донесе специјален закон за ре-прогласување на парк шумата Водно со кој конечно ќе се воведе ред во управувањето со ова заштитено подрачје, Град Скопје повторно прескокнува чекори. Во ситуација кога Студијата за ревалоризација на парк-шума Водно е во завршна фаза, а планот за управување со подрачјето треба допрва да се изработува согласно оваа студија – Градот објави тендер за Студија за туристичко-рекреативен центар на Водно.

Нејасно е како Градот очекува да биде изработена квалитетна студија за додавање содржини кога уште не се утврдени зоните на заштита и дозволените активности во заштитеното подрачје. Планот за управување со Водно е тој што треба да ги дефинира туристичко-рекреативните активности на Водно и објавување тендери пред тој да се усвои е спротивно на постапката за управување со заштитени подрачја од Законот за заштита на природата. Ваквиот потег на Градот може да се толкува како несериозен и малициозен.

Предложените содржини и капацитети од ваквата студија, независно дали ќе го збогатат или деградираат подрачјето, потенцијално ќе ја променат фактичката состојба на теренот и ќе влијаат на наодите од Студијата за ре-валоризација. На тој начин, истата ќе ја изгуби нејзината вредност уште пред да биде донесена.

Трошење финансии за планирање на нови содржини на Водно пред да се доврши процедурата за ре-прогласување е и неодговорно трошење на народните пари. Студијата која ќе биде резултат на овој тендер може никогаш да не биде искористена доколку се коси со планот за управување.

(А.П.)