Јас сум министер еден месец и сите овие ситуации ги наследив како резултат на непланско, несовесно и нестручно работење на Оливер Спасовски за што е извршена интерна истрага и произлезе кривична пријава, изјави министерот за внатрешни работи Наќе Чулев одговарајќи на новинарско прашање каде треба да се лоцира одговорноста во однос на проблемот со недостатокот на обрасци за пасоши.

Чулев го повика Спасовски да свика владина седница за да се реши проблемот со пасошите, а еден од неговите модуси за надминување е Владата, рече, да усвои методологија со која со печат и со испраќање нота до државите во светот ќе се пролонгира важењето на пасошите сè до моментот на пристигнување на нови патни исправи.

Според министерот Чулев, пасошката криза е резултат на неинтегрално решавање на проблемот со личните документи.

Потенцира дека во овој период мора да се распише меѓународен тендер за 10-годишно решавање на проблемот со издавање лични документи. Уште еднаш повтори дека на 24 март или порано треба да пристигнат 100 илјади обрасци за пасоши, а другата пратка се очекува да пристигне септември или октомври годинава.

– Најверојатно нема да бидат веднаш со новото уставно име на РС Македонија заради тоа што не се утврдени техничките спецификации околу изгледот на новата патна исправа и новите лични документи. Моментално работат работни групи од МВР и од компанијата „Веридос“ затоа што и тоа не е направено, склучуваме нов рамковен договор за две години со истата фирма, порачуваме, а не се специфицирани изгледот и содржината на новите лични документи, појасни министерот Чулев.

Претходно техничкиот премиер Оливер Спасовски, кој до 3 јануари беше министер за внатрешни работи, изјави дека не знае кој е одговорен што нема пасоши. Одговарајќи на новинарско прашање зошто уште не е утврдена одговорност кај ниту едно лице во Министерството за внатрешни работи, за пасошката криза, Спасовски рече дека во моментов за функционирањето на министерството е надлежен техничкиот премиер Наќе Чулев.

„Навистина се прашувам зошто не може да се даде одговор на сите овие прашања. Мислам дека подоброто менаџирање, повеќе бавење со суштински работи, немаше да доведе до една ваква криза. За функционирање внатре во министерството е надлежен министерот и има механизми да се утврди кој е одговорен ако има одговорност. Сум имал и јас такви ситуација неколку пати во целиот тој период, но, немаше проблем во однос на пасошите или другите лични документи“, рече Спасовски.

Спасовски не даде конкретен одговор на прашањето зошто и пред 3 јануари, додека тој беше министер за внатрешни работи, не било испланирана поголема количина на обрасци. „Нарачките се прават секоја година врз основа на потребите. Не знам кога била последната нарачка, но има документи во МВР и тие можат да се проверат“, рече Спасовски.

На социјалните мрежи бројни реакции  но и досетки на сметка на проблемот со кој се соочуваат илјадници граѓани.

В.М.Б.