Партиите ќе се договорат за една изборна единица со праг од 3,5 проценти?

Дел од партиите години наназад бараат промени во изборниот модел, отворени листи и една изборна единица, но кај големите партии досега како да нема волја за што било да се смени. Пред парламентарните избори што треба да се случат следната година, отвореност за промени изразија и од владејачките партии, но дискутабилен останува изборниот праг. И покрај барањето на ДУИ за висок изборен праг од 5 %, со преговори  и разговори на учесниците во изборниот процес, очекувањата се дека изборниот праг може малку да се симне, и измените да се донесат со консензус

241

Најавите за измени во изборниот законик и една изборна единица стануваат се погласни, но и понатаму во јавноста постои сомнеж дали тие измени се реалност или само декларативни залагања. Темата се отвора речиси пред секој изборен циклус, но овој пат се чини дека и меѓународнит фактор притиска Македонија да стане една изборна единица. Дел од партиите години наназад бараат промени во изборниот модел, отворени листи и една изборна единица, но кај големите партии досега како да нема волја за што било да се смени. Пред парламентарните избори што треба да се случат следната година, отвореност за промени изразија и од владејачките партии, но дискутабилен останува изборниот праг.

Во врска со измените во изборното законодавство, премиерот Димитар Ковачевски деновиве рече дека како партија застанале зад концептот на една изборна единица.

– Јас сум поборник за отворени листи, за граѓаните да изберат за кого ќе гласаат, иако некои политичари и партии мислат дека цел живот треба да бидат на функција или во политиката. Но треба да се размислува и за некој изборен праг – рече премиерот Димитар Ковачевски.

Неодамна, претставници од Владата на брифинг со медиуми потврдија дека се разговара за една изборна единица. Истите извори потврдија дека се размислува за изборен праг, од 3 до 4,5 проценти, и потенцираа дека кога ќе се подготвува изборниот законик треба да се имаат предвид сите аспекти и тоа на крај да биде со консензус.

Темата за една изборна единица ја покренаа помалите политички партии, но  почесто е застапена во јавноста откако ОБСЕ и ОДИХР укажаа на еднаквост на гласот во целата држава. Целта на Министерството за правда е новиот Изборен законик да биде усвоен неколку месеци пред одржувањето на следните избори.

И да се постигне консензус за една изборна единица, партиите тешко може да се договорат за изборниот праг. Интегративците на Али Ахмети неодамна покажаа отвореност за една изборна единица, но ќе инсистираат за праг од 5 проценти, што за помалите партии е незамисливо.

Ако зборуваме за моделот и ако се одлучуваме за една изборна единица треба да се одлучи и за праг и за отворени листи, праг од пет отсто, вели Арбр Адеми, кој ја претставува ДУИ во работната група за изборни реформи.

-Ние сме отворени да дискутираме за сите предлози водејќи се од аргументите. Ако зборуваме за моделот и ако се одлучуваме за една изборна единица треба да се одлучи и за праг и за отворени листи, праг од 5 отсто и такви искуства има, но ќе се воздржам за дополнителни коментари оставајќи простор да дискутираме конструктивно во рамките на работната група, рече Адеми во врска со тоа дали ДУИ ќе поддржи една изборна единица. 

И покрај барањето на ДУИ за висок изборен праг од 5 %, со преговори  и разговори на учесниците во изборниот процес, очекувањата се дека изборниот праг може малку да се симне, и измените да се донесат со консензус.

Двете најголеми парламентарни партии, СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ, даваат поддршка за изборен модел со една изборна единица. Од ВМРО не учествуваат во работната група која работи на реформи во изборното законодавство. Велат дека ќе ги поддржат препораките на ОБСЕ и ОДИХР и побараа од власта да излезе со предлог за една изборна единица, а тие да се вклучат во финализирање на законското решение.

Претседателот на работната група, Александар Новаковски, рече дека на состаноците приоритет е имплементацијата на препораките од ОБСЕ/ОДИХР за изборното законодавство, но и изготвување на нов закон со пречистен текст. (Ј.Ц.Г.)