Партиите почнаа да прогласуваат победи: Во Скопје Шилегов води пред Арсовска според СДСМ, ВМРО-ДПМНЕ тврди дека води во сите скопски општини

145

Во очекување на прес-конференцијата на Државната изборна комисија, која требаше да се одржи 21 часот, но се одложи на неодредено време, партиските штабови почнаа да излегуваат со првични неофицијални резултати за одредени општини.

Од СДСМ брифираат дека победа во прв круг оствариле во Делчево, Валандово, Дојран, Крива Паланка… Од партијата велат дека убедливо водство со можност за победа во првиот круг имаат во Струмица, Ресен, Крушево и Лозово. Убедливо водство, како што брифираат од партијата, имаат и во Берово, Пробишип, Богданци и Пехчево.

Од СДСМ брифираат и дека Петре Шилегов води пред Данела Арсовска во Скопје и оти очекува победа, а кандидатите за градоначаници на нивната коалиција се во водство во Шуто Оризари, Центар, Карпош и Бутел.

ВМРО-ДПМНЕ, пак според партиски извори, прогласи победа во првиот круг во Јегуновце, Могила, Градско, Сопиште, Петровец и Виница. Опозициската партија според партиски претставници, води и во Свети Николе и Прилеп. Според партискиот портпарол Димче Арсовски, ВМРО-ДПМНЕ води во сите скопски општини.

Лидерот на опозициската партија, Христијан Мицкоски, на Фејсбук прогласи победа. – Народот е определен. Надежта e родена. За секој човек во Македонија. Заеднички за новата иднина. Победа и голема одговорност! Ви благодарам народе на Македонија, напиша Мицкоски.

Уште една сигурна победа за СДСМ, претходно на прес-конференција најави генералниот секретар на партијата Љупчо Николовски. – СДСМ ги оцени локалните избори како фер, слободни и демократски. Од партијата најавија дека нивниот аналитички центар веќе започнал со обработка на првичните податоци, кои ги добиваат од општинските изборни штабови и потенцираа дека првичните трендови, кажуваат дека СДСМ и коалицијата „Најдоброто за мојата општина“ ќе забележат уште една сигурна победа, истакна тој.

Портпаролот на ДУИ, Бујар Османи на првата прес-конференција по завршувањето на гласањето за локалните избори истакна дека првично очекуваат победа во три општини уште во првиот круг. 

– Според прелиминарните резултати од досега изброените гласови, уште во првиот круг очекуваме победа на ДУИ во Сарај, Пласница, Липково. ДУИ има предноста во сите други општини каде учествува со свои кандидати и можам да кажам целиот дел е озеленет. Според првичните сознанија, ДУИ е во предност на пример во Чаир имам непотврдени сознанија дека односот е 2-1 за ДУИ и голема е предноста и можноста за победа уште во прв круг, но немам дефинитивна потврда. Во Куманово односот е 3-1 за ДУИ. Трендовите водат кон голема победа на ДУИ, истакна на прес-конфренцијата Османи.

Артан Груби, пак на Фејбук прогласи победи на ДУИ во Арачиново, Липково, Боговиње, Теарце, Желино.

Арбен Таравари од коалицијата Алијанса за Албанците и Алтернатива, пак изјави дека 55 отсто од гласови, односно 16 илјади гласа од изброени 100 отсто на записници од избирачките места, практично победил во првиот круг.

– Се надевам ДУИ да не направи во ОИК некоја ујдурма. Поминуваме со убедлива победа со околу три илјади гласови иако целиот државен апарат беше денеска и изминатите денови во Гостивар со автомобили, со закани, со пари, со купување на гласови, пак народот е најсилен. Народот одлучува. Им благодарам на сите гостиварчани што излегоа денеска и гласаа и ги казнија тие што беа со банди, со мафија. Овој пат чесниот народ во Гостивар ги победи прљавите луѓе и бандите во Гостиварско, изјави Таравари, кој се бори за втор мандатат за градоначалничката позиција во Гостивар.