Мила против Гордана во ринг

169

На неполни два месеци пред официјалниот старт на предизборната кампања, во политичките штабови почнуваат калкулациите на имињата што ќе се најдат на кандидатските листи или пак на носителите. Информации има многу, шпекулации исто толку, оти за партиите е сè уште рано.

– Рано е за кандидатски листи и нивни носители. Тие се поднесуваат на 17 март. Имаме уште два месеци до тогаш. Ние почнуваме постапка на 30 јануари, ќе имаме Централен одбор, за роковник, правилник. Ќе ја почнеме целата постапка. Нашите постапки доаѓаат од базата. Ќе држиме кафе-средба со коалиционите партнери и тие да си ја отпочнат својата постапка. За кон крајот на февруари да почнеме да правиме анализи, особено по прв пат на систем на чекинг систем на квалитет на кандидати, кој ќе биде сериозен демократски исчекор за државата. На 10 или 15 март ќе ги финализираме одлуките за кандидатските листи. Има доста време пред нас, изјави лидерот на СДСМ и поранешен премиер, Зоран Заев.

И покрај тоа што Заев негира дека се кројат листите, сепак, во јавноста на големо се шпекулира дека токму тој ќе биде носител во неговата четворка. Според неофицијални извори, во владејачката СДСМ веќе почнале внатрепартиските дебати за тоа кои од политичарите ќе донесат најмногу гласови во изборните единици. Меѓу нив, со најдобар рејтинг биле Радмила Шеќеринска, Мухамед Зеќири, Мила Царовска, Оливер Спасовски и Љупчо Николовски.

Извори од партијата велат дека ова е само внатрешен рејтинг, а дека финалните листи ќе се прават дури откако ќе бидат спроведени анкети на терен, по што ќе се искристализираат конечните имиња.

Сепак, истите извори велат дека имињата кои се во оптек ќе останат како адути и по истражувањата на терен. Според нив, Царовска би била носител во единица, Оливер Спасовски во двојка, генералниот секретар на партијата Љупчо Николовски би бил носител во тројката, четворката останува на Заев, петката ќе ја брани Радмила Шеќеринска, а Мухамед Зеќири ќе биде носител на листата во шестата изборна единица.

Партиски калкулации има и во најголемата опозициска партија. Неофицијално, ВМРО-ДПМНЕ во борба за гласови во единица ќе ја вклучи професорката Гордана Силјановска Давкова, која беше нивен претседателски кандидат за претседателските избори. Орце Георгиевски ќе биде во двојка, генералниот секретар на партијата, пак, Игор Јанушев, би можел да биде предводник на изборната листа во третата изборна единица. Додека, пак, како предводник во четворката би можела да биде Ане Лашкоска, можен носител на носител на петка е партискиот потпретседател Александар Николовски, а во шестката Владо Мисајловски.

На листите, најверојатно нема да се појави името на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицковски за кого нашите извори тврдат дека ќе ги поддржува сите носители, но дека се подготвува за премиерската фотелја доколку неговата партија победи на изборите.