Сметките за парно греење за потрошувачите приклучени на мрежите на „Балкан енерџи груп“ (БЕГ), на „Скопје Север“ и на „ЕЛЕМ Енергетика“, од денеска ќе бидат пониски.

Регулаторна комисија за енергетика (РКЕ) ги утврди новите цени за топлинската енергија што на корисниците им ја испорачуваат трите компании. Па така, вкупниот трошок за топлинска енергија за потрошувачите на БЕГ се намалува за 6%, за потрошувачи на „ЕЛЕМ Енергетика“ во општина Гази Баба за 13,5%, а во „Скопје Север“ за 12%.

Тоа значи дека корисник кој за парно греење во мрежата на БЕГ досега плаќал 2.000 денари, со намалувањето ќе плаќа 150 денари помалку. Вкупната бројка на приклучени потрошувачи на централниот систем за греење во Скопје се околу 53.000.

Претседателот на РКЕ, Марко Бислимоски во однос на одлуката за БЕГ појасни дека благодарение на иницијативата која ја поведе Регулаторна до Владата да се намали ДДВ-то за топлинска енергија од 18 на 5 проценти, што и се случи, доведе да се намалат вкупните трошоци на потрошувачите приклучени на БЕГ за топлинска енергија од 1 август за 6%. 

Кај потрошувачите приклучени на „ЕЛЕМ Енергетика“ во населбата Железара и делумно Маџари, вкупниот трошок за топлинска енергија се намалува за 13,5%.

– Фиксниот надоместок за овие потрошувачи е намален за 30% со цел што повеќе корисници да се приклучат во мрежата. Во мрежата на „Скопје Север“ се приклучени околу 460 потрошувачи и цената на парното е намалена за 12%. Со оглед дека станува збор за многу мал број потрошувачи, предлагаме тие да се вклучат во системот на „ЕЛЕМ Енергетика“ или на системот на БЕГ, затоа што актуелниот снабдувач се соочува со проблем за покривање на трошоците за набавка на природен гас – објасни Бислимоски.

Тој смета дека со намалените цени ќе се поттикнат што е можно поголем број потрошувачи да се приклучуваат на овој централен систем за греење, а исто така ќе се вратат и веќе исклучените потрошувачи.

– Според анализите на сметките, нема поевтино греење од топлинската енергија. Со зголемување на бројот на корисници, ќе се намалат фиксните трошоци на компаниите и ќе има поголемо намалување на цената на топлинската енергија. По согледувањата дека многу нови згради не се приклучуваат на централниот систем на греење, туку поставуваат котлиња кои користат електрична енергија што е најскап и неефикасен – рече Бислимоски и најави дека во врска со ова РКЕ во следниот период ќе предложи во новиот закон за градба, кој е во фаза на донесување, точно да се знае во кои делови од Скопје на кој начин ќе се греат граѓаните.

Тој не очекува поскапување на топлинската енергија по одлуката на Владата да му ја даде топловодната мрежа на Град Скопје во трајно користење.

– До овој момент во РКЕ нема пристигнато никако барање од „Градски енергетски системи“ за издавање лиценца. Доколку новоформираното ГЕС достави барање до нас, ќе започнеме постапка за издавање лиценца и притоа ќе водиме сметка да бидат исполнети сите услови и предуслови за тоа, бидејќи единствено не интересира сигурноста во снабдувањето со топлинска енергија по разумни цени –  рече Бислимоски.

(С.Бл.)