Паркингот на Водно го искористиле 205 возила

40

Според бројот на испратени СМС пораки, паркингот на Водно во текот на изминатиов викенд го искористиле 205 возила.

Градот Скопје и јавното претпријатие „Градски паркинг“ воведоа зонско паркирање на паркиралиштата на Средно Водно, како дел од континуираните заложби да се овозможи безбедно рекреирање на пешаците и на велосипедистите во деновите кога е најпосетено Водно.

Паркирањето се наплаќа за време на државните празници и за викендите од 9 до 16 часот. Цената за првиот час паркирање изнесува 100 денари, а секој нареден час – 50 денари.

На паркиралиштата е поставена соодветна хоризонтална и вертикална сигнализација, како и информативни табли.

Паркирањето е бесплатно за хендикепираните лица, како и за туристичките автобуси, а паркирањето во зеленило се санкционира.

Градот Скопје апелира до граѓаните да го чуваат зеленилото и другите јавни површини, а своите возила да ги паркираат исклучиво на означените паркиралишта.