Парите од билетите за откажаните претстави донирани на Кумановскиот театар, за Тодоровски солидарноста од публика многу значи

318

„Во текот на месец февруари Театар Куманово имаше закажано две претстави ‘Чекајќи го министерот’ (гостување од Белград ), две наши театарски претстави ‘Бегалка’ во режија на Ѓорѓи Ризески, театарскиот маратон кој го закажавме во текот на месец март и на кој требаше да одиграме неколку претстави. За сите овие претстави беа продадени билети, но поради пандемијата што се случи моравме да ги откажеме и одложиме претставите. Деновиве, кога објавиме дека ќе направиме поврат на финансиските средства од купените билети, голем дел од граѓаните на социјалните мрежи и телефонски јавувања во Центарот за култура, направија еден интересен гест за нас како Театар со самото тоа што објавуваа дека нема да сакаат да ги подигнат парите од продадените билети и тие средства ќе ги остават на театар Куманово“, вели за весникот ВЕЧЕР, директорот на Центарот за култура „Трајко Прокопиев“ во Куманово

Поголем дел од граѓаните на Куманово кои купиле билети за претстави во Кумановскиот театар, а кои беа закажани, па одложени заради пандемијата од коронавирусот на социјалните мрежи истакнуваат дека не сакаат да ги подигнат парите кои оваа институција веќе овие денови може да им ги врати. Овие граѓани со овој убав гест сакаат да му помогнат на Кумановскиот театар.

Како што истакна за весникот „ВЕЧЕР“ Сашо Тодоровски, директор на Центарот за култура „Трајко Прокопиев“ во Куманово, а во чии рамки е Кумановскиот театар, ова е чин на донација, односно парите од продадените билети граѓаните самоиницијативно сакаат да ги подарат на театарот, поточно не ги сакаат назад. Станува збор за билети од две целосно продадени претстави на „Чекајќи го министерот“ – гостување од Белград, потоа на домашната „Бегалка“ која е во продукција на Кумановскиот театар, но и на претставите од маратонот кој овој театар планирал да трае една недела по повод 27 март – Денот на театарот.

„Во текот на месец февруари Театар Куманово имаше закажано две претстави ‘Чекајќи го министерот’ (гостување од Белград ), две наши театарски претстави ‘Бегалка’ во режија на Ѓорѓи Ризески, театарскиот маратон кој го закажавме во текот на месец март и на кој требаше да одиграме неколку претстави. За сите овие претстави беа продадени билети, но поради пандемијата што се случи моравме да ги откажеме и одложиме претставите. Деновиве, кога објавиме дека ќе направиме поврат на финансиските средства од купените билети, голем дел од граѓаните на социјалните мрежи и телефонски јавувања во Центарот за култура, направија еден интересен гест за нас како Театар со самото тоа што објавуваа дека нема да сакаат да ги подигнат парите од продадените билети и тие средства ќе ги остават на театар Куманово. Нам овој гест на солидарност од нашите сограѓани навистина многу ни значи, а со самото тоа публиката покажува дека го сака и го поддржува театарот во ова тешко невреме за културата и дека сака да продолжи да гледа театарски претстави. Нам навистина тие финансиски средства би ни биле од огромно значење со самото тоа што ќе ги употребиме за купување на средства за дезинфекција, заштитни маски сè со цел институцијата да го преживее овој критичен и тежок период“, посочи Тодоровски.

Директорот на Центарот за култура „Трајко Прокопиев“ за весникот ги откри и активностите кои оваа институција ќе ги има во наредниот период.

„Во следниот период во текот на месец јули имаме закажано неколку настани од кои прв е монодрамата на Владанка Димковска ‘Прво лице еднина’ која ќе се случи на платото пред Центар за култура во Куманово, после тоа ја имаме традиционална детска ликовна работилница со ограничен број на учесници согласно протоколите, на која децата ќе ја искажат својата уметничка креативна страна. Ние обезбедуваме материјали за цртање и сликање, а на дечињата им останува само да присуствуваат и да се забавуваат. Подоцна во текот на месецот јули ќе имаме концерт на нашиот оперски пејач Дарко Тодоровски, кој ќе настапи исто така на отворено, пред платото на Центарот за култура, а во подготовки сме и за Детското караоке шоу, проект одобрен од Министерството за култура во кое ги промовираме младите кумановски таленти, кое го започнавме минатата година, а оваа година се надеваме дека ќе биде уште поуспешно“, додаде Тодоровски.  (Н.И.Т.)