Париз не ја открива позицијата, денеска ќе биде појасно каква е атмосферата во ЕУ

64

Неколку часови пред денешниот министерски состанок во Луксембург, официјален Париз не ја открива својата позиција во однос на почетокот на преговорите за членството на Северна Македонија во ЕУ, јавува МИА од Франција.

Сите обиди да се добие официјалната позиција на Париз во однос на почетокот на преговорите за членството на Северна Македонија во Еврпската Унија, останаа без одговор.

Од службата за односи со јавноста на Министерството за надворешни работи не беа во можност да одговорат на телефонските и писмените барања. Единствените информации засега доаѓаат од неофицијални извори, како наводниот меморандум објавен од Блумберг. Париз според документот е против каков било датум за формални преговори со Албанија и Македонија, пред ЕУ да ја заврши реформата на својата „методологија“ на преговори.

Со меморандумот што на 10 октомври, наводно, го проследиле француски дипломати до другите влади на ЕУ, Париз сака понатамошните разговори да бидат „постепени, поконкретни во придобивките што им ги носат на засегнатите земји и да бидат реверзибилни според ефективното, опипливо и одржливо спроведување на реформите“.

Прашањето за отворањето преговори со Албанија и Северна Македонија денеска ќе се најде на дневен ред пред министрите за надворешни работи, откако без напредок заврши вчерашниот амбасадорски состанок.

Министрите ќе се обидат да постигнат компромис за да се избегне префрлањето на досието на ниво на премиери и претседатели в четврток во Брисел, бидејќи неколкумина стравуваат дека на лидерско ниво Франција полесно би можела да влијае врз другите земји членки и да ги убеди да ја поддржат во блокадата.

-Денеска ќе се водат политичките дискусии помеѓу министрите, ќе се тестира политичката волја од сите страни, одвојувањето е еден од можните компромиси, точно е дека Франција не покажува флексибилност засега, но другите земји исто така силно притискаат, така што денеска ќе биде појасно каква е политичката атмосфера во овој поглед, вели дипломат од Брисел за МИА. 

Франција е единствената земја која е против зелено светло за било која од двете земји, мнозинството ЕУ членки сакаат отворање со Албанија и Северна Македонија, а мал број земји се за отворање на преговори само за Северна Македонија. Тука спаѓа и Холандија, за која е тоа официјален став. Меѓутоа, според дипломатски извори во Брисел, Хаг е подготвен денеска да се солидаризира со Франција, за таа да не биде изолирана доколку нема одвојување од Албанија.

Париз официјално е против одвојувањето, но постои надеж кај бројни земји-членки дека полесно би попуштила доколку одлуката се однесува само на Северна Македонија. За возврат некои земји членки би прифатиле во заклучоците да се спомене борбата против корупцијата, и/или СЈО и судството.

-Доколку има договор, веројатно нешто ќе се додаде, нема тоа да биде дополнителен услов, но може да се спомене СЈО кое Франција редовно го става на маса, вели дипломат од земја-членка за МИА.

Останува дека огромното мнозинство земји инсистира на отворање на преговорите заедно со Албанија, и дека ниту една држава за сега на маса не го ставила одвојувањето како предлог. А Франција тоа сама нема да го стори, велат дипломатите.

Главниот проблем е што Европската Комисија сама предложи спојување на двете земји уште минатата година, а оваа година иако суптилно воведе разлика во заклучоците помеѓу Албанија и Северна Македонија, таа остана на својата препорака да се отворат преговорите со двете.

-Нема договор за одвојување на двете земји, никој не сака да биде „лошиот“ во приказната, но ако има некаков резултат утре, тоа најверојатно ќе биде одвојувањето на двете, останува да се види дали и кој би го предложил прв, порачуваат за МИА дипломатски извори во ЕУ.

Тој додава дека доколку се понуди одвојувањето, ќе биде многу потешко за Франција да најде аргументи против зеленото светло.

Освен Холандија, не се целосно јасни ставовите на Данска и Шведска кои исто така би можеле да прифатат да се солидаризираат со Франција доколку нема начин да се изнајде прифатлив компромис денеска или на самитот.