Пандемијата и зголемувањето на цените, најголема грижа за Грците

34

Пандемијата и зголемувањето на цените, предизвикуваат загриженост кај речиси половина од анкетираните Грци во истражувањето на јавното мислење спроведено од агенцијата „Marc“ за телевизијата „Антена“, јави дописничката на МИА од Атина.

Од испитаниците, 49,9 отсто рекле дека пандемијата им предизвикува најголема загриженост, за 48,2 проценти е зголемувањето на цените, а за 39,8 отсто текот на грчката економија.

За олабавувањето на мерките и поголемата слобода за вакцинираните, 62 отсто сметаат дека беше правилна (49,2 проценти) или веројатно правилна (12,8 отсто) одлука.

Оваа одлука е правилна за 69 отсто од вакцинираните и погрешна за 70,9 отсто од невакцинираните.

Договорот за воена соработка меѓу Грција и Франција добива позитивна оцена од тројца од четворица анкетирани, а 64,2 отсто сметаат дека беше погрешна одлуката на Ципрас и СИРИЗА да гласаат против на расправата за ратификацијата.

На политичката сцена, Нова демократија, според резултатите и од оваа анкета има подобар рејтинг од опозициската СИРИЗА со разлика од 12,8 отсто, а актуелниот грчки премиер Кирјакос Мицотакис со 50,4 отсто е посоодветен за премиер во споредба со Алексис Ципрас, кој добива 28,2 проценти.

Поделено е мислењето на граѓаните во оценката што и ја даваат на Владата, со оглед на тоа дека 49,5 отсто ја оценуваат позитивно или веројатно позитивно, а 49,8 проценти негативно или веројатно негативно.

Истражувањето на јавното мислење на агенцијата „Marc“ за телевизијата „Антена“ било спроведено од 6 до 11 октомври со вклучени 1.007 домаќинства.