Пандемијата ќе го одложи и доделувањето на 93. „Оскари“?!

102

93. издание на „Оскарите“ сè уште е закажано за 28 февруари 2021 година, но според најновите информации, американската Академија за филмска уметност и наука размислува да ја одложи церемонијата за доделување на најпознатите награди во светот на кинематографијата

Иако 93. издание на „Оскарите“ е планирано да се одржи во февруари идната година, според најновите информации, американската Академија за филмска уметност и наука размислува да ја одложи церемонијата за доделување на најпознатите награди во светот на кинематографијата.
Извори кои зборуваа за ова под услов на загарантирана анонимност, рекоа дека сè уште сè е во доменот на размислување. Според досегашните информации, Оскарите се закажани за 28 февруари 2021 година.
„Веројатно ќе бидат одложени“, рекол еден од добро упатените извори за „Варајати“. Сепак, истот извор предупредил дека деталите, вклучувајќи ги и потенцијалните нови датуми, сè уште не се целосно разгледани или официјално предложени. Во исто време, друг извор посочил дека датумот на Еј-би-си (ABC – телевизискиот сервис кој го врши директниот пренос на Оскарите) моментално е непроменет.

Инаку, кога во април беа објавени нови привремени измени во правилата за конкурирање за Оскарите поради епидемијата од коронавирусот, претседателот на Академијата, Дејвид Рубин, рече дека е сè уште рано да се каже во која насока преносот на Оскарите 2021 може да се смени со оглед на ситуацијата со пандемијата.
„Невозможно е да се знае што ќе се случува. Знаеме дека сакаме да ги славиме филмските остварувања, но сè уште не знаеме во каква точно форма ќе биде тоа“, рече тој во таа прилика.

Според вообичаените правила, филмот мора да има седумдневна проекција во кината во Лос Анџелес, за да може да се квалификува за добивање на наградата Оскар. Сепак, за оваа година филмовите кои се дигитално објавени може да се квалификуваат за престижната награда, ако студиото/продуцентот првично планирал кино-прикажување. „Мислам дека сите сочувствуваат со режисерите и ние сме тука да ги поддржиме нашите членови и филмската заедница. Има смисла кога навистина не знаеме што ќе се случува во однос на достапноста на кино-прикажувањата… Мора да направиме исклучоци само за оваа година и за времето кога кината не се отворени, за да можат големите филмски дела сепак да се видат и да се слават“, рече Рубин.

Новите измени во правилата подразбираат и дозволуваат проекциите на филмовите кои ќе се квалификуваат за „Оскар“ да се одржуваат во Њујорк, Чикаго, Мајами, Аталанта и на други локации наместо, како што беше случај досега, само во Лос Анџелес. Академијата одби да ги коментира новите тврдења и сè уште не е јасно дали одложувањето на Оскарите ќе значи и дека Академијата ќе им овозможи на филмовите кои се објавени по истекот на крајниот рок да се квалификуваат за Оскарите во 2021 година.

Да се потсетиме, годинава, на 92. Доделување на Оскарите, со двете номинации за „Златната статуетка“ во категориите најдобар интернационален и најдобар документарен филм со остварувањето „Медена земја“ Македонија доживеа историски успех. Документарецот, во режија на Тамара Котевска и Љубо Стефанов, ја воодушеви филмската критиката со приказната за медарката Атиџе, која со својата спонтаност и харизма, на светот му ја донесе/ кажа својата едноставна, но моќна порака „пола за мене, пола за пчелите“.