Пандемијата како алатка за манипулација: Орбан доби неограничена моќ

110

Унгарските парламентарци му дадоа на Орбан вонредни можности без временско ограничување со што и ако парламентот одлучи да ја укине вонредната ситуацијата, владата може да си ја задржи зголемената моќ.

Со 137 гласа „за“ и 53 „против“, унгарскиот парламент во понеделникот изгласа закон со кој  му овозможи на премиерот Виктор Орбан да владее со декрет во обид да ги намали последиците од пандемијата на коронавирусот.

Унгарија е една од многуте европски земји во кои е прогласена вонредна состојба поради коронавирусот со што им се овозможува на властите да преземаат активности без неопходните процедури. Инаку Орбан беше премиер од 1998 до 2002 година и потоа повторно дојде на власт пред десет години. Во деценијата на власт постојано ги зголемуваше своите овластувања, а со најновиот закон парламентот го потврди продолжувањето на вонредната состојба без јасно наведено траење што ќе му овозможи на премиерот во време на епидемијата да владее со извршни уредби, пренесува Ројтерс.

Законот, предвидува казна затвор до пет години за ширење „лажни вести“ за вирусот или владините мерки, а цел на ваквите обвинувања редовно се, денес веќе ретките, независни медиуми во Унгарија, пренесува Франс прес.

Унгарските парламентарци му дадоа на Орбан вонредни можности без временско ограничување со што и ако парламентот одлучи да ја укине вонредната ситуацијата, владата може да си ја задржи зголемената моќ.

Ова предизвика загрижување во Европската унија која и претходно го обвинуваше Орбан за автократско владеење.Законот е претеран одговор на кризата, велат од опозицијата, а некои опозициски пратеници го нарекоа „државен удар“, или „пат до диктатура“.

Обединетите нации исто така реагираа и пред законот да биде донесен наведувајќи дека изгледа како да и се дава на владата практично неограничена моќ да владее со декрет и да го исклучи парламентот без наведен конкретен рок до кога тоа ќе трае.

Унгарија ги затвори границите за влез на странци и воведе мерки за ограничување на движењето.