Доследна американска визија за Западен Балкан е онаа која овој регион го гледа посветен на евроинтеграциите и во мир со сите соседи, истакна претставникот на САД за Балканот, Метју Палмер на видео конференцијата „Балкан 2021: Поттикнување на регионалната соработка во постковид ерата“ во Солун.

„Се надевам дека тоа не е само визија која ја имаат САД и ЕУ за овој регион, туку е визија и која Западен Балкан ја има сам за себе“ – рече Палмер

Тој додаде дека САД остануваат посветени на целта за зачленување на Западен Балкан во ЕУ, како и постигнување меѓусебно длабоко економско партнерство меѓу земјите од овој регион.

Палмер ја поддржа улогата на Грција во регионот на Западен Балкан, посебно поради нејзиниот однос со Македонија, како и поради продлабочувањето на односите со Косово.

Во своето обраќање на конференцијата, тој нагласи дека во регионот се добива впечаток оти ЕУ губи интерес за перспективата за членство на Западен Балкан во Унијата и затоа е потребно да се изградат врски на доверба.

„Потребно е ЕУ итно да го врати својот кредибилитет и во следниот период да ја покаже својата сериозност во врска со Западен Балкан“ заклучи Палмер.