Пазарџиите бараат целосно укинување на законот или ќе организираат генерален штрајк

54

Пазарџиите не се задоволни со едногодишното одложување на примената на Законот за трговија на зелените пазари, туку бараат негово целосно укинување. Ако властите не им го одоброволат нивното ултимативно барање, се закануваат со генерален штрајк во сите зелени пазари низ земјава.

Можно е пазарџиите до Уставниот суд да побараат преиспитување на уставноста на законот, од причина што не е дозволено некому да му се ограничува правото на работа, како и дека беше донесен по скратена постапка и без консултација со сите засегнати страни.

– Одлуката да се одложи примената на законот за една година е донесена токму со таа цел, преку заеднички преговори во меѓувреме да се изготви подобрено решение на задоволство на сите засегнати страни – велат од Министерството за економија.

Од Владата информираат дека ги слушнале аргументите и барањата на пазарџиите на заедничката средба што ја остварија пред неколку дена и дека постигнале согласност да продолжат консултациите меѓу институциите, пазарџиите и другите засегнати страни.

Пазарџиите велат дека на средбата со премиерот Зоран Заев им дал ветување дека ќе се формираат работни групи кои ќе бараат решение на проблемите. Велат дека не само што досега не се формирани работните групи, не успеале да остварат контакт со советниците ангажирани за оваа проблематика. Нивните стравувања се дека доколку ова прашање не се реши пред изборите ќе бидат заборавени од власта.

Тезгаџиите најмногу реагираат на фактот дека со новиот Закон се бара да плаќаат лиценци од 60 евра годишно, а за пензионерите беше забрането да закупуваат тезги на зелените пазари.