Пазарот почна – каде ќе биде најинтересна битка во вториот круг!

На повидок е обединување на разединетите гласови на коалициските партнери кои се одлучија за самостоен настап, но се шушка и за нови соработки за кои во предизборниот период, со оглед на острата реторика, беше речиси и невозможно да се помисли. Се разгледуваат сите опции, но, се чини дека жешкиот костен се наоѓа во Тетово. Таму, нема да има комотен простор за движење поради тоа што во втор круг влегуваат Теута Арифи од ДУИ и Билал Касами од Беса, двајцата коалициони партнери на СДСМ. Интересно ќе биде и прелевањето на гласовите во Куманово, каде што во втор круг влегуваат актуелниот Максим Димитриевски, кој се кандидираше како независен откако неговата матична партија СДСМ одлучи да го кандидира неговиот довчерашен сопартиец Оливер Илиевски. Слична е ситуацијата и во Дебрца каде што досегашниот градоначалник од СДСМ, Зоран Ногачески, настапи како независен и ќе ги одмери силите со партискиот колега Игор Крцоски. Тесна ќе биде и битката во скопската општина Карпош.

207

Партиските штабови се спремаат за вториот круг локални избори, на големо се калкулираат гласовите на кандидатите кои не го поминаа првиот круг.  Иако во ДИК сè уште целосно не се обработени сите резултати сепак, речиси е извесно кои партии на 31 октомври влегуваат во дуел. Лидерите на двете најголеми политички партии уште на првите прес-конференции после првиот круг, најавија дека сите опции за соработка се отворени. На повидок е обединување на  разединетите гласови на коалициските партнери кои се одлучија за самостоен настап, но се шушка и за нови соработки за кои во предизборниот период, со оглед на острата реторика, беше речиси и невозможно да се помисли. Се разгледуваат сите опции, но, се чини дека жешкиот костен се наоѓа во Тетово. Таму, нема да има комотен простор за движење поради тоа што во втор круг влегуваат Теута Арифи од ДУИ и Билал Касами од Беса, двајцата коалициони партнери на СДСМ. Во првиот круг, според податоците од ДИК, Арифи освои 11.138 гласа, а Касами 10.496 гласа, што претставува разлика од само 642 гласа. Ваквата незначителна разлика навестува исклучително интересна битка за вториот круг, со оглед дека повеќе кандидати во првиот круг освоија повеќе гласови отколку што е разликата меѓу Арифи и Касами, поради што можни се повеќе изборни калкулации и комбинаторики.

Кандидатот на Алијанса за Албанците, Вулнет Мурсели, освои 6.165 гласа, кандидатот на ДПА, Сади Беџети, освои 3.840 гласа, кандидатот на СДСМ Хамдија Елезовиќ освои 2.373 гласа, додека Снежана Стојановска од Интегра освои 1.989. Со оглед на анимозитетот меѓу ААА и со ДУИ и со Беса, нејасно е дали Мурсели сака и воопшто може да ги насочи своите гласови, со тоа што треба да се има предвид дека на негово конто има и гласови од ВМРО-ДПМНЕ. Исто така, ситуацијата дополнително ја компликува фактот што во Тетово во втор круг се борат коалициски партнери од кои зависи парламентарното мнозинство, па ниту СДСМ нема голем простор за маневар кому да ги даде гласовите на Елезовиќ.

– Тетово зависи од пазарот со СДСМ, а СДСМ пак ќе биде на тенок мраз кого да поддржи. Дали да се определи за најголемиот коалициски партнер ДУИ или, пак, ќе се одлучи да му ја даде поддршката на партнерот од кој му зависи парламентарното мнозинство. Тука ситуацијата е дотолку покомплицирана ако се знае дека Касами го заложи сиот свој кредибилитет и политичката кариера, па освојување на градоначалничко место за Беса ќе значи дека е сериозна локална партија која ќе може да се надева и на неколку пратеници на следните парламентарни избори. Тогаш, Тетово ќе стане бастион на партијата, изјави за весникот ВЕЧЕР политичкиот аналитичар Владимир Божиновски. Тој додава дека битката во Тетово ќе зависи и од гласовите на Алијанса и на ВМРО-ДПМНЕ. Од друга страна, пак, аналитичарот Алберт Муслиу смета дека партиите нема да си ги нарушат меѓусебните односи поради овие локални избори.

-Ќе останат блиску до своите коалициони партнери. Локалните избори се локални ама поддршката ќе се прошири на национално ниво. Мислам дека партиите од власта ќе ја поддржат Арифи, но последниот глас го имаат гласачите, коментира Муслиу.

Интересно ќе биде и прелевањето на гласовите во Куманово, каде во втор круг влегуваат актуелниот Максим Димитриевски кој се кандидираше како независен откако неговата матична партија СДСМ одлучи да го кандидира неговиот довчерашен сопартиец Оливер Илиевски. Слична е ситуацијата и во Дебрца каде што досегашниот градоначалник од СДСМ, Зоран Ногачески, настапи како независен и ќе ги одмери силите со партискиот колега Игор Крцоски. Тесна ќе биде и битката во скопската општина Карпош.

На голема цена после локалните избори се и гласовите на Левица која се профилираше како партија која има сериозно гласачко тело, бидејќи иако нивните кандидати речиси секаде се на трето место. Лидерот Димитар Апасиев, рече дека не верува во коалицирање, но сепак посочи дека одлуките ќе ги носи партискиот Президиум.

-Левица не коалицира, тоа е принципиелниот став. Можно е, од општина до општина, да повикаме да се гласа за опозициски кандидат, но ќе почекаме да нè викнат на преговори. Но, формални коалиции не верувам дека ќе има. Постизборно можно е да преговараме за коалиција во состав на влада. Сепак, има најави за ново парламентарно мнозинство, и таа опција е во игра. Но после ова нештата нема да бидат исти, изјави Апасиев.

На прашањето како од 57 општини освоени на локалните избори во 2017 година, СДСМ изгуби во речиси половина од нив во првиот круг од вчерашните избори, аналитичарите велат дека виновни за тоа се лошите политики на власта и разединетоста на владината коалиција наспроти консолидацијата на ВМРО-ДПМНЕ.

– Резултатот на локалните избори и катастрофалниот пораз на владејачката СДСМ е комбинација на лоша централна власт и лоша локална самоуоправа. Овој резултат, генерално може сериозно да влијае врз политиките на централно ниво со оглед  на многу малото мнозинство кое го имаат во парламентот како и односите внатре во самата коалиција. Така што многу веројатна е можноста за прегрупирање, вели Божиновски.

Лидерот на ВМРО ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, пак истакна дека ова не е финалната победа, туку првиот голем чекор кон неа. Коментирајќи го прашањето дали ќе побара вонредни парламентарни избори, рече дека тоа е една можност, а втората е формирање ново парламентарно мнозинство. (Е.А.)