Падна владата на Зоран Заев, Македонија доби уште едно вето од Бугарија

Зоран Заев, по четири и пол години на чело на Владата, замина од премиерската функција. Собранието на 23 декември ја констатираше неговата оставка, која тој ја оцени како логичен чекор што произлегува од исходот на локалните избори и како израз на преземената одговорност за изборните резултати. По склучување на договорот со Алтернатива на 5 декември Заев го зацврсти парламентарното мнозинство и првин се повлече од челната позиција во партијата. На внатрепартиските избори на 12 декември Димитар Ковачевски беше избран за нов лидер во СДСМ. Последниот совет на словенечкото претседателство со Европската Унија на 14 декември не донесе датум за почеток на преговорите со Македонија поради бугарската блокада. Ова му даде одврзани раце на Заев да ја поднесе и премиерската оставка. Собранието на 23 декември ја констатираше неговата оставка, поднесена ден претходно. На 29 декември, претседателот Пендаровски му го врачи мандатот на Ковачевски за состав на нова Влада.

879

Падот на владата на Зоран Заев започна на локалните избори, а заврши откако ветувањата за добивање на датум за почеток на преговори со ЕУ уште еднаш останаа неостварени, ова е главната вест која ја одбележа македонската политичка сцена во 2021 година. Тешкиот пораз на СДСМ на локалните избори од опозициската ВМРО-ДПМНЕ покажа дека кредитот на социјалдемократите, како кај сопствените поддржувачи, уште повеќе кај оние неопределените е потрошен. Ова се должи на многуте скандали и погрешни потези што предизвикаа забрзување на здравствената, економската и енергетската криза наместо да ги контролираат и олеснуваат проблемите со кои, за волја на вистината, се соочува не само нашата држава туку и целиот свет. Но, начинот и брзината на владината реакција во однос на суштинските проблеми на граѓаните беше веројатно искрата која го запали фитилот на незадоволството што експлодираше на локалните избори и овозможи ВМРО-ДПМНЕ да освои градоначалнички места во 42 општини, а СДСМ само 16. Клучен момент беше поразот во македонската престолнина – Скопје, кое СДСМ го изгуби од Данела Арсовска поддржана од ВМРО-ДПМНЕ. Резултатите од локалните избори значајно ја променија политичката слика во државата, при што владејачката СДСМ на овие избори ги изгуби мнозинството од 57-те општини освоени на локалните избори во 2017 година.

Зоран Заев, по четири и пол години на чело на Владата, замина од премиерската функција. Собранието на 23 декември ја констатираше неговата оставка, поднесена ден претходно, која тој ја оцени како логичен чекор што произлегува од исходот на локалните избори и како израз на преземената одговорност за изборните резултати. Неговиот наследник на лидерската позиција во партијата Димитар Ковачевски е нов мандатар, кој на 29 декември од претседателот Стево Пендаровски го доби мандатот за состав на новата Влада.

УШТЕ ЕДНО НЕ ОД ЕУ

На 14 декември, последниот совет за време на шестмесечното словенечко претседателство со Европската Унија не донесе датум за почеток на преговорите со Македонија и Албанија. Причина беше продолжувањето на блокадата од Бугарија за македонските евроинтеграции навестена од службена бугарска влада која раководеше со источниот сосед, а продолжи и по промената на власта со новиот бугарски премиер Кирил Петков.

Двете најголеми македонски партии избираа лидер на 12 декември, при што ВМРО-ДПМНЕ го реизбра Христијан Мицкоски, кој беше и единствен кандидат. Сегашниот заменик-министер за финансии Ковачевски, пак, беше избран за шести по ред претседател на СДСМ, откако на вонредните внатрепартиски избори со огромна предност ги победи противкандидатите Фросина Ременски и директорот на ТИРЗ, Јован Деспотовски.

Премиерот Заев самиот најави кој ќе го наследи во партијата и во владата повикувајќи го Ковачевски да го придружува за време на преговорите со Алтернатива за влез на оваа партија во новата влада и зајакнување на парламентарното мнозинство, кои успешно беа финализирани на 5 декември. Со договорот за влез на Алтернатива во владата партијата доби три министерски места, три заменик-министри како и раководни функции во повеќе институции на централно и на подрачно ниво.

Собранието на 11 ноември беше во центарот на вниманието на македонската јавност во очекување на исходот од гласањето за недоверба на владата на иницијатива на опозицијата. Но, поради отсуството на пратеникот од Беса, Кастриот Реџепи, иницијаторите останаа без потребниот кворум и седницата за гласање не се одржа. Иницијативата за гласање доверба на Владата со 61 потпис ја поднесоа опозициските ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата, Алијанса за Албанците и Алтернатива, Левица, како и Беса, која тогаш беше во владината коалиција со СДСМ. Пратеникот Реџепи своето повлекување го правдаше со информациите кои ги добил од дипломатски канали дека во декември земјава може да добие датум за почеток на преговорите со ЕУ.

(И.С.)