Паднати дрвја од невремето, се чистат шахтите и сливниците

254

На повеќе места низ градот екипи на јавните градски претријатија интервенираат за да нема застои во сообраќајот и движењето на граѓаните по силниот дожд кој го зафати главниот град. Екипи на ЈП “паркови и зеленило“ имаа(т) полни раце работа, а дежурни екипи ќе работат и во текот на ноќта.

Денеска тие интервенираа на остранување на падната врба врз возило во Автокоманда. Екипите интервенирале на улица „Вич“ во Карпош 4, спроти градинката „Орце Николов“, каде имало едно паднато дрво. Имало интервенција и во Карпош 2, на улица „Шекспирова“ каде имало паднати гранки кои се отстранети. Во Ѓорче Петров, кај Пазарчето, на улица „Македонска војска“ исто така имало паднато дрво, а во средата екипите интервенирале и на Водно, во близина на амбасадите, каде имало паднати и искршени гранки.

Поради најавите на обилни врнежи проследени со силен ветер и грмотевици во скопскиот регион до крајот на неделава, од „Паркови и зеленило“ ги предупредуваат граѓаните на претпазливост и да внимаваат да не ги паркираат своите возила под високите дрвја, со цел да се избегне настанување на штети и несакани последици.

Од ЈП „Водовод и канализација“ велат дека на терен нема поголеми интервенции поради невремето. По обилните врнежи од дожд и засилениот ветер нивни екипи почнале со активности за расчистување и непречено функционирање на атмосферската канализациска мрежа. Активностите, продолжуваат со расчистување и проверка на функционалноста на сливниците и шахтите во сите општини на територијата на Град Скопје.

Како што соопшти Управата за хидрометеоролошки работи, најмногу дожд до осум часот изутрина наврнал во Демир Капија каде се измерени 59 литри на метар квадратен како и во Скопје-Петровец – 54 литри и во Охрид 50.

УХМР за утре најавуваат претежно облачно време со чести врнежи од дожд. Локално ќе има развој на нестабилна облачност со пороен дожд, грмежи и засилен ветер.