Американскиот рапер Канје Вест објави дека својот музички репертоар го проширува на опера, а дека неговата следна продукција ќе се вика „Набукодоносор“ и ќе биде изведена во Лос Анџелес на 24 ноември.

Вест за време на минатиот викенд најави оперска продукција во која ќе настапи госпел хорот „Неделна служба“, со кој пејачот годинава изведе бројни духовни христијански песни.

Операта ќе ја изведе во калифорниската сала Холивуд Боул, а ќе ја режира италијанската концептуална уметница Ванеса Бикрофт. Билетите за операта се пуштаат во продажба в понеделник.

Инспирација за името на операта Канје пронашол во вавилонскиот крал Набукодоносор со кој неодамна се спореди во едно интервју, велејќи дека и древниот крал исто како и тој страда од биполарно нарушување.

Некои сметаат дека новооткриената блискост со религијата на Вест е поврзана со неговата борба со биполарното нарушување.