ОЈО: Притвор за авганистанци заради разбојништво

334

Основното јавно обвинителство Куманово поведе постапка против двајца авганистанци, на возраст од 31 и 25 години, поради постоење на основано сомнение дека го сториле кривичното дело – Разбојништво од член 237 став 1 од Кривичниот законик.

Осомничените на 13.09.2021 година, во место викано Чифлик, во атар на с. Табановце, со употреба на сила и сериозна закана одзеле од оштетениот, државјанин на Индија, подвижен предмет со намера противправно да го присвојат.

Притоа телесно го повредиле оштетениот откако со сериозна закана и со употреба на нож и на тврд подесен предмет го удриле во пределот на главата. По ударот жртвата паднала на земја, по што двајцата осомничени му ги врзеле рацете и нозете и сериозно му се заканиле дека непосредно ќе нападнат врз неговиот живот и тело ако не им ги даде сите пари што ги има.

Осомничените одзеле 440 евра, а потоа повторно почнале да го удират оштетениот и го присилиле да побара од неговиот брат да му испрати парични средства преку Money Gram во износ од 2300 евра за да биде ослободен.

Во насока на непречено одвивање на кривичната постапка, јавниот обвинител кој постапува во предметот до Судијата на претходна постапка при Основниот суд Куманово поднесе Предлог за определување на мерката притвор за осомничените. Судот го уважи предлогот на Обвинителството и ја определи предложената мерка притвор во времетраење од 30 дена за двајцата обвинети.