Охрид урива рекорди – станбен квадрат на крајбрежјето стигна до 3 илјади евра

2295

Рекорден раст на цените на недвижнините во третото тримесечје од годинава. Недвижностите поскапеле за дури 21,2 процентни поени на годишно ниво. Ваков раст не е регистриран во последната деценија, односно од бумот во 2009 година. Поскапувањето што на квартално ниво го објави Народна банка е историско и ако се споредува со претходните шест месеци.

А статистичките податоци само го потврдуваат она што се случува на пазарот на недвижности, и тоа не само во Скопје, каде што квадратен метар стигна до 2.000 евра. На Водно и во Центар, станбениот простор е и нешто поскап. И Охрид не заостанува зад Скопје во трендот на раст на цените на недвижностите. Квадратен метар станбен простор во Охрид во новоградбите во централното градско подрачје достигнува и до 1.800-1.900 евра, а покрај крајбрежјето – и до неверојатни 3.000 евра. И покрај вртоглавите цени, од тамошните агенции за недвижности велат дека побарувачка има

Рекорден раст на цените на недвижнините во третото тримесечје од годинава. Недвижностите поскапеле за дури 21,2 процентни поени на годишно ниво. Ваков раст не е регистриран во последната деценија, односно од бумот во 2009 година. Поскапувањето што на квартално ниво го објави Народна банка е историско и ако се споредува со претходните шест месеци. Имено, во јули, август и во септември недвижнините биле поскапи за дури 4,7 проценти споредено со април, мај и со јуни. А, пак, цените на недвижностите во вториот квартал пораснале за 4,1 процент во однос на јануари, февруари и на март.

И споредбените податоци на Народна банка за 2021 година покажуваат дека лани, гледано по квартали, растот на цените на недвижностите бил за четири пати помал од оваа година. Во првиот квартал минатата година, цените на недвижностите пораснале за само 3,1 процент, во вториот за 4,1, а во третиот квартал за 5,8 проценти, додека годината била завршена со раст од 11,2 проценти, што е двојно помалку од она што е во моментов. 

А статистичките податоци само го потврдуваат она што се случува на пазарот на недвижности, и тоа не само во Скопје, каде што квадратен метар стигна до 2.000 евра. На Водно и во Центар, станбениот простор е и нешто поскап. Во други делови на урбано Скопје што се поблиску до центарот, цените стигнуваат до 1.600 или до 1.800 евра за квадрат. Во подалечните населби од центарот на градот речиси е невозможно да се најде стан за кој би платиле 1.200 евра од квадрат или поевтино.

Голем процент од зградите во фаза на градење одамна се раздадени, дел на сопствениците на земјиштето, а дел на оние што можат да купат поевтино за потоа да можат да ќарат од препродажба или од кирии, кои, пак, исто така, го следат нагорниот тренд на цените на становите.

Што се однесува за старите станови, од агенциите за недвижности велат дека тешко се наоѓа таков стан за клиентите што сакаат поевтино да го купат и потоа да го реновираат, затоа што трендот на раст на цените на сè што е во државава е присутен и овде и, веројатно, се воздржуваат да ја стават недвижноста на продажба затоа што чекаат да се надуваат цените уште повеќе за нешто повеќе да ќарат.

И Охрид не заостанува зад Скопје во трендот на раст на цените на недвижностите. Квадратен метар станбен простор во Охрид во новоградбите во централното градско подрачје достигнува и до 1.800-1.900 евра, а покрај крајбрежјето – и до неверојатни 3.000 евра. И покрај вртоглавите цени, од тамошните агенции за недвижности велат дека побарувачка има, затоа што купувачите ја вложуваат својата заработувачка во станови или во деловен простор, сметајќи дека тоа е најбезбедно во услови на галопирачка инфлација.  

Висината на цените на становите не зависат само од локацијата туку и од цената на градежните материјали, глобалната криза и од актуелните домашни фактори. Анализата на интернет-порталот „Глобал проперти гајд“ потврди дека во Македонија цените на недвижностите растат, додека, пак, низ светот паѓаат. Порталот објави податоци за вториот квартал од годинава дека недвижностите се поевтини на годишно ниво во дури 24 земји, а во 34 се поскапи. Според анализата, освен во Македонија, цените се зголемиле за 7-9 проценти и во Исланд, Словачка, Португалија и во Холандија.

Во вториот квартал, цените пораснале на Исланд, Словачка, Португалија, Холандија и во Македонија, каде што се зголемиле за 7-9 отсто.

– Поради високите инфлациски притисоци, централните банки низ светот ги зголемуваат каматните стапки. Инфлацијата ја намалува куповната моќ на граѓаните, а растечките каматни стапки ги подигнуваат трошоците за финансирање и отплата на хипотекарните кредити. Поради сите овие причини, загриженоста на аналитичарите за недвижности е оправдана бидејќи тоа е рецепт за колапс на пазарот на недвижности. На ова мора да се додадат и неизвесните прогнози во поглед на светската економија и ризиците поради руската инвазија на Украина – се наведува во анализата на „Глобал проперти гајд“.

На пазарот на недвижности, послаб е интересот за купување куќи, иако има понуди. Од агенциите потенцираат дека годишно, едвај се продаваат пет-шест куќи. Цената на плацовите за изградба на куќи достигнува висина од 700 до 1.000 евра за квадратен метар, а на периферијата, за земјиште цената достигнува висина од 70 до 200 евра. Исто така, и кириите за становите го следат трендот на поскапување. Ако се погледнат огласите на Пазар 3 и Реклама 5, ќе се забележи дека кириите за празен стан одат од 200 евра, па нагоре, а на наместените достигнуваат просечно и до 1.500 евра.

Никој не сака да прогнозира кога ќе запре вртоглавиот раст на цените, затоа што  од она погоре напишаното сега-засега нема никакви знаци на стивнување, иако од агенциите на недвижности сметаат дека веќе е достигнат плафонот. Сепак, очекуваат да има стагнација на цените на кратки патеки.

Според пописот на Државниот завод за статистика, од вкупно 839.174 стана, 531.987 или 63,4 проценти се населени, а 307.187 или 36,6 отсто се ненаселени.

(С.Бл.)