“Ја добивме нацрт-верзијата на извештајот на УНЕСКО за Охридскиот регион. Општина Охрид во предвидениот рок ќе испрати коментари и забелешки на сите сегменти, односно препораки за кои сметаме дека имаме постигнато резултати и напредок. Истото треба да го сторат и останатите надлежни институции. Потоа ќе биде изготвен финален извештај кој ќе треба да биде разгледуван на следната сесија на Комитетот за светско наследство на УНЕСКО на која треба да биде донесена конечна одлука“, вели градоначалникот на Охрид Константин Георгиевски за весникот ВЕЧЕР

 

“Охрид не е Ибица, па да се поставуваат платформи насекаде и да се прават журки до сабајле. Градот е еден од најстарите во Европа, а истиот случај е и со езерото. Ќе мора позасилено да ги имплементираме препораките на УНЕСКО, но и да функционира правната држава, за што очекуваме помош и од државните институции“, изјави меѓудругото за медиумите градоначалникот на Охрид Константин Георгиевски, кој исто така посочи дека решавање на проблемот и развојот го гледа и во примерот на хрватскиот туристички град Дубровник кој од 1991 до 1998 година бил на листата на УНЕСКО на загрозено културно наследство, но успеал да ги среди проблемите со донесување на законски рамки.

За весникот ВЕЧЕР на прашањето каков е неговиот коментар по повод последниот нацрт-извештај од УНЕСКО кој е крајно негативен, тој потенцира: “Се работи за еден сложен процес, кој бара огромен ангажман, време и средства, но преку заедничко делување и соработка со сите останати надлежни институции на централно ниво, започнавме да спроведуваме сериозни активности со кои ставаме крај на децениската деградација на овој регион и овозможуваме услови за поголема заштита“, вели Георгиевски. Тој исто така посочува дека не чувствува лична одговорност, бидејќи откако бил дојден на функција во мај 2019 се спроведени многу работи…

“Најновиот нацрт-извештај на УНЕСКО е сублимат на забелешките од сите претходни мониторинг мисии кои биле реализирани во овој регион и за добар дел од нив изминатите децении не е постапувано. Во сите извештаи на УНЕСКО од 2016 наваму стои дека регионот ги исполнува условите да биде ставен во опасност. За понатамошните чекори кои треба да се преземат во однос на извештајот и во однос на состојбите во Охрид, пак, Георгиевски потенцира:

“Со цел да се исполнат препораките на УНЕСКО во сферата на урбанизмот, Општина Охрид започна процес за изготвување на Урбанистички планови за 18 охридски села, како еден од најефикасните начини за борба со дивоградбите, обезбедување на соодветни услови за градење и развој на руралните подрачја…“

Важен напредок по однос на препораките според него е носењето на Планот за управување со светското природно и културно наследство на Охридскиот регион кој ги има опфатено сите аспекти во делот на управувањето со езерското крајбрежје, урбаните и руралните средини. “Беа стопирани штетните проекти за изградба на ски-центар на планината Галичица и изградба на експресен пат Охрид-Св.Наум. Започна реконструкцијата на Колекторскиот систем на Охридското Езеро и формирано е ново Јавно претпријатие кое е задолжено за контрола на системот на отпадни води. Исто така, за прв пат е воспоставена платформа за соработка со Република Албанија за заштита на сливот на езерото во двете соседни држави…“, вели Георгиевски за весникот ВЕЧЕР.

На прашањето дали извештајот ќе значи и директно ставање на Охрид на листата на загрозено културно наследство, Георгиевски објаснува. “Ова е нацрт-верзија на извештајот. Општина Охрид во предвидениот рок ќе испрати коментари и забелешки на сите сегменти, односно препораки за кои сметаме дека имаме постигнато резултати и напредок. Истото треба да го сторат и останатите надлежни институции. Потоа ќе биде изготвен финален извештај кој ќе треба да биде разгледуван на следната сесија на Комитетот за светско наследство на УНЕСКО на која треба да биде донесена конечна одлука.

Охридскиот градоначалник додава и дека се во постојана комуникација и координација со надлежните институции на централно ниво.

“Во текот на наредниот период очекувам заеднички да креираме еден системски пристап во решавање на наталожените проблеми кои ги загрозуваат универзалните вредности на светското културно и природно наследство на Охридскиот регион“, вели Георгиевски. (Д.Т.)