Македонскиот бисер, Охридскиот регион доби „жолт картон“ од УНЕСКО. Постои голема веројатност тој наскоро да се најде на „црвената листа“ на загрозено светско наследство, на која во моментот веќе има 54, најмногу од Сирија, Либија и Конго…

Препораката која оваа светска организација ја даде во својот последен извештај со кој Охрид и Охридскиот регион треба да бидат ставени на листата на загрозено светско наследство, ќе биде разгледувана на конференцијата на Комитетот за културно наследство, што ќе се одржи во Баку, Азербејџан, од 30 јуни до 10 јули. Од Министерството за култура пак, за „Вечер“ вчера посочија дека предлог -законот за управување со природното и културното наследство во Охрид и Охридскиот регион, чие донесување е содржано во препораката на УНЕСКО, помина на седница на Владата како вонредна точка и влегува во собраниска процедура.

„Со овој Закон ќе се спречат активности кои негативно влијаат врз исклучителните универзални вредности на природното и културното наследство во Охридскиот регион, а ќе се преземат и мерки за негово активно вклучување во животот на заедницата како фактор на одржливиот развој“, велат од Министерството.

Нова динамика и рокови

Што всушност ќе значи ставање на Охридскиот регион на листата на загрозено светско наследство? Од Министерството за култура додаваат дека со Националната комисија на УНЕСКО се во засилена координација за исполнување во целост на препораките, бидејќи нацрт-одлуката која ќе биде разгледана во Баку, ако стане конечна ќе ја обврзе државата на нова динамика и нови рокови на спроведување на препораките.

„Самата нацрт-одлука, Националната комисија на УНЕСКО ја прифаќа како  опомена дека препораките на мисијата мора да се почитуваат во целост, и ни укажува дека овој статус ако стане конечен, земјава го добива како резултат на континуирано, повеќе годишно нецелосно исполнување на препораките и одлуките од 2017, но и на делумно спроведување и на претходни препораки. Ако се потврди новата позиција, тоа секако ќе значи сериозна работа од страна на сите засегнати страни, Владата, институциите, локалните власти, граѓанскиот сектор во насока на нивно исполнување“, посочуваат од Министерството за култура.

Оттаму, исто така, велат дека секогаш постои опасност од бришење од листата на светско  природно и културно наследство на УНЕСКО, доколку не се почитуваат препораките , критериумите и стандардите со кои треба да се заштитува добро впишано на листата на светско наследство на УНЕСКО. Но, додаваат „Владата е јасно декларирана дека максимално ќе ги насочи своите професионални институционални капацитети за надминување на оваа состојба“.

Предлог -законот за управување со природното и културното наследство во Охрид и Охридскиот регион, чие донесување е содржано во препораката на УНЕСКО, помина на седница на Владата како вонредна точка и влегува во собраниска процедура.

 На листа на загрозени – 54 места

Инаку, во моментов на листата на УНЕСКО на загрозено природно и културно наследство се места од триесетина земји во светот, а по бројот на природното и културното наследство во опасност, предничат Сирија со шест (меѓу кои се Алепо, Дамаск, Палмира…), Либија со пет места, претежно археолошки локалитети и Конго исто така со пет, главно национални паркови и природен резерват. На така наречената “црвена листа“ се и Авганистан со две светски наследства (археолошки остатоци), Ирак и Јемен со три места (стари градови),како и Палестина (родното место на Исус, базилика на Исусовото раѓање и рутата на аџилак во Витлеем…).

Интересно е што на оваа листа на загрозени покрај светското наследство од Боливија, Перу, Мадагаскар… е и историскиот центар на Виена, Австрија, пристанишниот трговски дел од Ливерпул од Обединето Кралство на Велика Британија и Северна Ирска, тука е и САД со националниот парк Евергладес, како и средновековните споменици на Косово…

На оваа листа по предлог на УНЕСКО всушност се ставени сите места на кои им е потребна итна и организирана помош со цел да се привлече вниманието  на јавноста и да се охрабри преземањето на потребните мерки за санирање на опасноста од уништување на културното наследство. Во зависност од проценката Комитетот на културно наследство може да наложи и дополнителни мерки или пак да го избрише локалитетот од листата на загрозено светско наследство и целосно од листата на заштитено природно и културно наследство. Така беше примерот со два локалитета, арапски резерват Орикс и дрезденска долина на Елба кои се избришани од листата откако не се решени нивните проблеми поради кои се нашле на листата на загрозени места.