Охрид е познат по вековните цркви и манастири, но и по своите столетни чинари

73

Охрид, кој е познат по мноштвото цркви и манастири и поради тоа го носи епитетот македонски Ерусалим, е познат и по стогодишните чинари. Најпознат е охридскиот чинар стар 11 века, со одлука на Министерството за животна средина од октомври 2019 година е прогласен за природна реткост. Тој е култно место во срцето на градот. Но, низ Охрид има уште седум чинари кои, летово што помина, исто така се прогласени за природна реткост.

Чинарот чие латинско име е platanus orientalis, е едно од најпознатите и воедно меѓу најстарите дрвја во Македонија, сведочи за историјата на градот. Се смета дека охридскиот чинар дека бил засаден кон крајот на 9 или почетокот на 10 век, во време кога во Охрид престојувал заштитникот на градот Свети Климент Охридски за кого уште се вели дека лично го засадил. Но, според други преданија, чинарот е засаден од страна на Турците османлии кон крајот на 14 век.

Ова дрво во последниве децении неколку пати беше оштетено во временски неприлики, а делови од него отпаѓаа и поради старост. Иако неговата состојба не е најзавидна, се бори со сопствениот временски континуитет за да ја одржи охридската традиција и е препознатлив дел од неговата туристичка понуда.

Лани заврши санацијата на охридскиот Чинар, со што ќе се овозможи процес за повторно обновување и враќање на неговата виталност. Проектот се реализира со средства на Општина Охрид, а под стручен надзор на професорот Јане Ацевски, дендролог и раководител на катедрата за дендрологија при Шумарскиот факултет во Скопје.

Чинарот со години беше оставен на забот на времето, а поради старост и временски неприлики низ годините претрпи неколку потешки оштетувања.

Тој е вечна инспирација за уметниците, но и за охриѓани кои често велат: “Да се најдеме кај чинарот да испиеме кафе”. Вековитото дрво е нем сведок на она што се случувало во минатото. Чинарот бил главна раскрсница која водела кон Струга. Тука имало позната кафеана, околу длабоката сенка биле поставени маси и столови каде се собирале од најбогатите до најсиромашните, исто така и катче на различни мајстори. Во постарите времиња чинарот е врежан во меморијата како место каде се извршувале егзекуции.

Во Охрид опстојуваат и уште седум други чинари кои Владата летоска, во јуни, ги прогласи за природна реткост. Тоа се чинарите во близина на Здружението на пензионери; во населба Воска; единечното стебло Кочеџик во дворот на црквата „Св. Богородица Перивлепта“; пред зградата на Црвен крст; во Влашка Мала; во населбата Кошишта и чинарот кој е во Централното градско подрачје.

Овие стебла беа прогласени за природно наследство според стариот закон од 1973 година и требаше да се отпочне нова постапка за нивно препрогласување, односно да се стават во законска рамка според постоечкиот Закон за заштита на природата.

Исто така, вреди да се спомене и вековниот чинар во дворот на манастирскиот комплекс во струшко Калишта. Во еден од конаците постои параклис посветен на Св. Теодор Тирон, изграден и живописан во 2002 година. Монасите од братството го користат за совршување на своите молитвени правила во зимскиот период. Овој параклис, а всушност и целиот конак, е надвиен од вековните гранки на стариот чинар, кој го зазема централното место во манастирот. Стар е 645 или 700 години и се верува дека неговиот постанок е паралелен со населувањето на првите монаси во овој комплекс.

Се смета дека овој чинар е од времето на цар Самоил.

(С.Бл.)